Менче Точи / Фото: Телма / скриншот

Професорот Росоклија ми вршеше притисок за сторијата со мозоците во САД и се откажав, вели новинарката Менче Точи

Поранешната новинарка на „А1“ вели дека светски признатиот медицински експерт кој долги години работи на угледниот Универзитет Колумбија во САД, во повеќе наврати ѝ вршел притисок да не објавува за проектот што го предводел

Професорот Горазд Росоклија, специјалист по неврологија, невропатологија и психијатрија, кој дипломирал на Медицинскиот факултет во Скопје, а долго време работи на Универзитетот Колумбија во Њујорк, бил еден од иницијаторите на проектот за извоз на мозочно ткиво од мртви пациенти со психијатриски дијагнози, од Македонија во САД.

Во вечерашното издание на „Топ тема“ на „Телма“ беше речено дека професорот бил повикан да се вклучи во живо, но одбил со образложение дека е многу зафатен. Тој, сепак, дал куса изјава во врска со случајот со кој пошироката јавност се запозна откако беше споменат во документите поврзани со починатиот сексуален престапник Џефри Епстин, кои ги објави американското Министерство за правда.

Професорот Росоклија вели дека се работело за грант-проект за истражувачка дејност, кој бил потпишан во 1996 година помеѓу Универзитетот Колумбија и македонските медицински експерти, како и со Институтот за судска медицина, Институтот за патологија и Психијатриската клиника.

Росоклија во изјавата вели дека сите активности биле целосно етички и легални, а за секое испратено ткиво истражувачите имале потпишана согласност од семејствата на починатите:

„Тој грант како и сите други грантови со Македонија (мислам 6 или 7) ги имаат сите согласности од етичките комитети на Медицинскиот факултет, после 2006 кога станав акалемик и на етичкиот комитет на МАНУ, како и на Колумбија, и за секое ткиво кое е користено има писмен консент од семејството за интервју и за користење на ткивото“, вели професорот во изјавата за „Телма“.

Според него, грантот бил исклучиво наменет за научни истражувања и развој, без какви било други активности или финансиски злоупотреби.

Но, во „Топ тема“ вечерва, поранешната новинарка Менче Точи рече дека таа одамна ја истражувала темата со испраќањето мозочно ткиво од починати пациенти од Македонија во САД, но никогаш не ја објавила приказната. Таа го обвини професорот Росоклија дека тогаш ѝ вршел притисок да не објавува за проектот.

„Кога дојдов до името на професорот Росоклија како носител на проектот, стапив во контакт со него, но тој не сакаше да зборува – проектот бил завршен и немало зошто јавноста да се занимава со тоа“, рече Точи и додаде дека Росоклија во неколку наврати вршел притисок тоа да не се објавува.

„Работев на тој случај, веќе имав околу четири страни текст, но заради притисоците дигнав раце и не ја продолжив сторијата“, рече Точи, која како новинарка беше специјалистка за здравството.

Таа се присети на средба со професорот Росоклија во Скопје.

„Се сретнавме во познатата пицерија ‘Галија‘, и тука почнаа убедувања зошто да се откажам од проектот, да не објавувам ништо дека сè е во ред, дека работат на епохални откритија. Имиња нема да спомнувам, се јавив и во Судска медицина, и таму ми рекоа дека има проект. И дека соседна Бугарија сакала да го земе проектот, но еве ние сме го зеле и треба да сме среќни. Зошто почнаа притисоци од професорот да не објавувам ништо, не знам. Она што ме шокираше сите овие години е тоа што на една од телевизиите излезе прилог како кампања во позитивна смисла за проектот, дека во Македонија се прави многу добро нешто. Јас тогаш не почнав со истражувањето, бидејќи бев во фаза на докажување и доверба во тогашната телевизија во која работев“, објасни поранешната новинарка на „А1“.

Точи откри и дека подоцна добила покана од професорот Росоклија да престојува еден месец на Универзитетот Колумбија, но ја одбила.

Мозоци на починати Македонци со психијатриска дијагноза, како чекиран багаж биле транспортирани на комерцијални летови во САД и Канада за медицински истражувања

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот