Проф. Др. Дејан Докиќ: Грипот и короната имаат слични симптоми, но разликата е голема!

После 10 циклуса на вирусот на грип, еден болен ќе зарази 56 здрави особи, додека пак еден пациент со COVID-19 може да зарази 2047 луѓе.

Во интервју за Слободен печат Проф. Др. Дејан Докиќ говори за непредвидливоста на корона вирусот, како и за сличностите и разликите меѓу него и обичниот сезонски грип.

1.Дали заканата од Корона вирусот е токлу голема што изискува ригорозни мерки што поголемиот број земји ги применуваат вклучувајќи ја и нашата?

-Заканата од SARS-Co-2 е сеуште една голема непознаница. Вирусот од кога се појави за прв пат во Кина па се до денес покажува различно однесување. Некои научници тврдат дека вирусот во Кина, Европа и Америка се разликува, што можеби говори дека се работи за различни генетски варијанти на овој нов вирус. Самиот податок од денес, дека во Кина повторно се зголемива бројот на новодијагностицирани пациенти укажува дека е можно повторна појава на епидемија во Кина, иако се сметаше дека таму вирусот е „победен“.

2.Во што се состои стравот од овој вирус, од неговото брзо ширење, или пак од неговата деструктивност по здравјето на луѓето?

-Стравот од овој вирус е  во тоа што никој не може да предвиди што ќе се случи во Европа и кај нас. Има случаи каде што овој вирус за многу кратко време кај помлади особи без бвидливи претходни болести многу брзо се „спушта“ во белите дробови и овие пациенти завршуваат летално. Никој не може да ги објасни овие случаи и токму во тоа се состои непредвидливоста на овој вирус.
Од горенаведените причини произлегуваат и мерките што нашата земја ги презима за заштита на населението.

3.Како да знаеме од кога Ковид 19 е присутен кај нас, од кога почнавме неговите симптоми да ги препознаваме како корона, а не како грип, или друго сезонско, или слично заболување?

-Ние не може точно да знаеме од кога е присутен овој вирус кај нас. Секоја сезона имаме голем број на пациенти кои заболуваат од вирусот на грип, а се регистрираат и голем број на смртни случаи. Воглавно страдаат постари пациенти со други придружни хронични болести. И клиничката слика на COVID-19 наликува на грипозна инфекција со тоа што новиот корона вирус значително почесто ги напаѓа белите дробови и води до тешки пневмонии што кај некои пациенти прогредира во смртоносна состојба наречена ARDS (акутен респираторен дистрес синдром). Ова е причината што не може точно да се предвиди кога е за прв пат кај нас појавен SARS-Co-2. Од друга страна кај овој вирус карактеристично е тоа што 20-30% од заразените не покажуваат клинички симптоми, а истовремено можат да ја шират инфекцијата во околината.

4. Кои се битните разлики меѓу COVID 19 и сезонскиот грип ако и едниот и другиот можат да бидат смртоносни и зошто тогаш за грипот не се преземаат вакви рестриктивни мерки?

-Што се однесува до разликите помеѓу вирусот на грип и SARS-Co-2 може да кажеме дека се големи. Имено, вирусот на грип има инкубационен период од 24-48 часа, што значи за 24-48 часа од навлегувањето во човекот предизвикува клинички симптоми и е кратко времето кога тој може да зарази друга особа. За разлика од него SARS-Co-2 има инкубационен период од 2-14 дена, што значи дека може да поминат и 14 дена пред да се јават првите симптоми и пациентот да свати дека е заболен. За тој период пациентот може да зарази голем број на луѓе доколку има незаштитен контакт со нив. Втората значајна разлика е што имаат различен базичен репродукциски број Ro што  означува колку една заразена особа може да зарази други здрави лица.

Ro за вирусот на грип изнесува 1.3, или грубо кажано еден болен со грип може да зарази една до две здрави особи. Ro за SARS-Co-2 изнесува 2.25, што значи еден болен од COVID-19 може да зарази грубо кажано 2 здрави особи. Оваа разлика навидум не изгледа голема, но после 10 циклуса на вирусот на грип, еден болен од грип ќе зарази 56 здрави особи, додека пак еден пациент со COVID-19 по 10 циклуса може да зарази 2047.

Третата разлика е што во тек сезоната на грип има голем број на луѓе што го прележале грипот, дел од населението е вакцинирано па постои некаков колективен имунитет кон вирусот на грип. Додека пак во случајот на SARS-Co-2 никој на оваа планета немал претходен контакт па не можел да создаде имунитет. Тоа значи дека сите луѓе на светот се осетливи кон него.

5.Како ние симптоматски да да ја препознаеме болеста, дали сме моментално само настинати или пак сме заразени со корона вирусот и какови последици можеме да очекуваме?

-Најголем дел од заразените особи ќе ја прележат болеста COVID-19 со лесни симптоми што наликуваат на настинка (течење на секрет од носот, затнат нос, болка во грлото, кашлица, малаксалост, главоболка, можеби лесно покачена температура и зацрвенети коњунктиви). За овие пациенти се препорачува да останат во своите домови, да се одмараат, да земаат течности и симптоматска терапија. Одморот е многу важен. Еден дел од пациентите или 20% ќе имаат тешка клиничка слика којашто личи на грип (болки во мускулите, јака болка во грлото, голема малаксаност и слабост, висока температура, кашлица, болки во градите и тешко дишење) што укажува на фактот дека вирусот ги нападнал белите дробови. Некои од нив можеби ќе биде потебно да бидат хоспитализирани, а 20% од хоспитализираните ќе захтеваат респираторна подршка и ќе треба да се постават на механичка вентилација (респиратор).

6.Но професоре, дури и за обичен грип сме оделе на преглед кај лекар за да воспостави точна дијагноза и соодветна терапија. Сега и под закан од COVID 19, граѓаните по телефон добиваат дијагноза во стилот : „Не ви е ништо, седете дома“, или ако едноставно ги исполнувате условите од прашалникот добивате „виза“ за тест. Нели е малку противречно сето тоа?

-Што се однесува до поставување на дијагноза важно е кај секој пациент да се направи епидемиолошка анкета со цел да се идентификуваат примарните контакти, значаен податок во спречување на натамошното ширење на болеста. Потоа сите пациенти во нашата земја со клиничка слика на COVID-19 се тестираат на присуство на вирусот со молекуларни методи. Доколку е позитивен тестот во комбинација со клиничката слика и евентуално со компјутеризирана томографија на белите дробови, кај пациентите со пневмониа се поставува дијагнозата COVID-19. Кај оние што се негативни, а сеуште имаат симптоми сомнителни за COVID-19 и компјутерска слика на белите дробови што упатува на оваа болест се тестираат по неколку пати за присуство на вирусот со молекуларните методи.

7. Што дознаваме со серолошките тестови кои кај граѓаните можеби предизвикуваат забуна?

-Постојат и серолошки методи со коишто се детектира присуство на антитела во крвта на испитаникот. На овој начин докажуваме дека испитаникот дошол во контакт со вирусот, неговиот имун систем го идентификувал и создал антитела против вирусот. На овој начин може да дознаеме кој испитаник ја прележал болеста COVID-19.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот