Проф. д-р Никола Јанкуловски: Изведбата на сигурни градби треба да се приоритет во развојот на градот

Природните непогоди и катастрофи не може да се предвидат, но може да се преземат напори за изнаоѓање на решенија за минимизирање на нивните деструктивни влијанија. Изведбата на сигурни градби, современите пристапи за проектирање и истражувањата на сеизмичноста, треба да се приоритет во развојот на градот, за ризиците од такви катастрофи да бидат сведени на минимум, беше посочено на конференцијата „4S – Skopje Summer Seismicity Stop“ која денеска се одржа во организација на Градежниот факултет УКИМ во Скопје.

Конференцијата е во коорганизација со Институтот за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија, Архитектонскиот факултет при УКИМ и УНДП, а се организира во насока на одбележување на 60-годишнината од скопскиот земјотрес.

Деканот на Градежниот факултет УКИМ во Скопје, проф. д-р Горан Марковски во своето обраќање денеска за време на конференцијата посочи дека причината за повеќе од 1000 загинати, 3200 повредени, голем број урнати и тешко оштетени објекти од земјотресот од 26 јули 1963 година, треба да се бара во слабиот квалитет на тогашните градби, а не во интензитетот на земјотресот, кој се проценува на околу 6 степени според Рихтер.

„Доказ за тоа е и фактот што ниту една армиранобетонска висококатница (за волја на вистината и не биле многу) не се урнала, а биле пресметани само на хоризонтално дејство на ветер. Зошто сè до оваа катастрофа речиси воопшто не биле земани предвид тогаш важечките одредби (иако доста скромни) за пресметка на сеизмички влијанија, е прашање кое останува без одговор“, потенцираше деканот.

Тој е на ставот дека решението за намалување на ризикот од овој природен хазард треба да се бара во квалитетот на градбите.

„Овој општествен земјотрес со стравотна магнитуда и предолго времетраење успеа да ја пластифицира изградената ментална конструкција на одговорност кон градењето и почна да наметнува стил на однесување во кој импровизацијата, шпекулативноста, итроштината и техно-корупцијата прераснаа во своевиден меинстрим во градежништвото. Вистинското знаење полека стана прекуброен и бесполезен елемент во новиот математичко-финансиски модел на градење“, додаде проф. д-р Марковски.

Како што појасни, ни претстои задача што поскоро да ги санираме последиците од оваа општествена катастрофа и воедно да ги елиминираме причините за појава на нови афтершокови поврзани со овој деструктивен потрес.

„Со подигнување на свеста за значењето на нашата одговорност и знаење. Со посветеност и љубов кон струката, со постојано учење и се разбира со следење и примена на современите стандарди. И токму затоа скорешното преоѓање на Еврокодовите треба, наместо страв од непознато, да ни биде причина за радост. Радост и предизвик што ќе бидеме во друштво со најдобрите и на тој начин ќе учиме и чекориме напред создавајќи поквалитетни и побезбедни градби“, додаде деканот.

Тој смета дека секое потсетување на скопскиот земјотрес треба да биде потсетување на ужасите кои со себе може да ги донесе оваа природна појава, на ужасите кои можат да бидат предизвикани од незнаење и неодговорност во градењето, и кои можат да бидат избегнати единствено со постојано подигнување на квалитетот на градбите.

Ректорот на УКИМ, проф. д-р Никола Јанкуловски на конференцијата потенцираше дека природните непогоди и катастрофи не може да се предвидат, но може да се преземат напори за изнаоѓање на решенија за минимизирање на нивните деструктивни влијанија.

Градежништвото, како што подвлече, е еден од аспектите на кои се задржува најголемото внимание, со оглед на тоа што е крајно сериозна дејност, која не трпи никакви импровизации.

-Изведбата на сигурни градби, современите пристапи за проектирање и истражувањата на сеизмичноста, треба да се приоритет во развојот на градот, за ризиците од такви катастрофи да бидат сведени на минимум, рече проф. д-р Јанкуловски.

Тој потсети дека нашата земја е една од првите земји во рамки на поранешна Југославија која донела Правилник за проектирање на сеизмички отпорни конструкции и има сериозно искуство во процена на сеизмичката отпорност, но и во избор на мерки за санација и зајакнување на конструкциите.

„Од големо значење за нас е сите досегашни здобиени искуства и сознанија за земјотресот од 1963 година да се соберат и систематизираат со цел да ги информираат идните генерации. Пред овој предизвик се наоѓа и УКИМ, кој преку своите единици како Градежниот факултет, Архитектонскиот факултет и Институтот за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија, со своите анализи, истражувања и технологии имаат можност да го дадат својот придонес при имплементацијата на мерки за заштита од земјотреси, кои во иднина би можеле да резултираат со несакани последици“, додаде проф. д-р Јанкуловски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот