Продолжуваат реакциите против е-учебници: Го губиме детскиот дух, смислата за живот и здравјето кај учениците

Средношколци / илустрација Фото: EPA-EFE/GEORGI LICOVSKI

Министерката за образование и наука Мила Царовска и вчера зборуваше за воведувањето на електронските учебници, истакнувајќи дека од септември оваа реформа најпрво ќе започне да се спроведува кај учениците од четврто одделение. 

Гласно извиканата реформа на Царовска поттикнува уште поголема поделеност меѓу учениците. Или, со нејзин речник, „нееднаков пристап“ и можност за квалитетно образование за сите деца. И самата признава дека 3.500 ученици немаат настава. А зошто? Затоа што немаат сите струја, компјутер, ниту бесплатен интернет, вели за „Слободен печат“ Бојана Стојчевска наставничка во основното училиште „,Кузман Јосифовски Питу“ во Скопје, зборувајќи за воведувањето на дигитални учебници во образовниот процес, за кои потенцира и дека не се никаква новост.

– Зошто тогаш наголемо зборува за е-учебници? Зошто не им се даде можност да бираат учениците, туку им се нудат само е-учебници кои пак не се никаква новост! Ова не е новина за квалитетно образование! Истите на учениците им се достапни веќе долги години и ги имаат поставено на страната https://www.e-ucebnici.mon.gov.mk/, покрај хартиените учебници, кои на учениците им беа доделувани од МОН – додава Стојчевска, објаснувајќи дека учењето од е-учебници ќе го наруши здравјето на учениците.

Родителите и наставниците гневни за дигиталните учебници: Следна реформа ќе биде модерни училишта без наставници!

– Со оглед на ситуацијата во која се наоѓаме учениците пред компјутер го поминуваат поголемиот дел од денот следејќи ги часовите и сега дополнителни три часа за повторување на наставните содржини од електронските учебници, ќе се соочиме со зголемен процент на развивање на голем број деформитети на р’бетниот столб и намалување на видот кај учениците – објаснува Стојчевска, додавајќи дека со дигиталиацијата се губи и меѓусебното комуниуцирање на учениците.

– Меѓусебното комуницирање на учениците е сведено на нула.Заборавија да зборуваат,многу полесно им е да искуцаат на тастатура и да пратат одговор.Го губиме детскиот дух, смислата за живот,здравјето кај учениците.Не ја гледам причината зошто да нема хартиени учебници – потенцира Стојчевска, а со неа се согласуваат и учениците од „Средношколски глас“, кои откако вчера најавија протест, за „Слободен печат“ ги искажаа и своите ставови поради кои не се согласуваат со оваа реформа.

„Средношколски глас“ за воведувањето електронски учебници: Ако продолжи инаетот, одиме на протести!

– Сметаме дека одлуката за воведување на електронски учебници е лоша најпрво од здравствен аспект, свесни сме сите, а и докажано е дека долгорочно седење пред компјутерските екрани е штетно – велат од „Средношколски глас“, нагласувајќи дека нов проблем е неопременоста на училиштата, како и финансиските проблеми со кои се соочуваат родителите.

– Другиот битен аспект е што постојат голем број на училишта без основни услови за настава и со самото тоа голем број училишта не се опремени со компјутери за да би функционирало тоа. Министерката изјави доколку учениците немале можност за таква настава ќе требало да ги фотокопораат учебниците, но тоа е финансиски невозможно за некои семејства. Едно семејство со две деца за почетокот на таква школска година ќе треба да издвои цела просечна плата – заклучуваат од Средношколски глас. 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот