Родителите и наставниците гневни за дигиталните учебници: Следна реформа ќе биде модерни училишта без наставници!

Настава во време на пандемија / Фото: EPA-EFE/GEORGI LICOVSKI

Наредната година ќе имаме пилот проект, преку кој дигиталните учебници ќе важат само за учениците од четврто одделение, додека сите останати ќе продолжат да учат како и досега, изјави денеска министерката за образование и наука Мила Царовска, зборувајќи за воведувањето на дигиталните учебници во образовниот процес.

– Моделот што го нудиме е комбиниран, секој ќе може да избере на кој начин ќе учи. Ќе се види бенефитот на дигиталниот учебник, тоа не е учебникот што до вчера го имавме со милијарда факти внатре и само напишан и ставен во ПДФ. Концептот на учење е таму да има примери, насочувања кон истражувања. Секој родител кој смета дека нема да може неговото дете да учи електронски ќе може да си го испечати учебникот и нема да има проблем училиштето – таму каде што има недостиг на финансии во семејството, а таму ќе треба да се обезбедат и електронски уреди од страна на училиштето – изјави Царовска, објаснувајќи на кој начин ќе се одвива сето тоа.

ВИДЕО | Царовска: Сите земји во регионот користат комбиниран модел за чекор до целосна дигитализација во образованието

И покрај тоа, на социјалните мрежи продолжува револтот по усвојувањето на промените во законот за учебници, а родителите, но и наставниците покрај тоа што се гневни, велат дека целиот образовен систем се наоѓа пред колапс.

„Образованието е ХАОС, оставете не нас наставниците да си ја вршиме работата онака како што најдобро знаеме“, „Во цел свет учениците се рекреираат со настава во природа, само кај нас ќе ги оставиме нон стоп пред компјутери, срамота“, „Толку се внесовте во филмот со реформите, што дури веќе забегавте“, Како сте тргнале со реформиве следната рефорфма ќе биде “Модерни училишта без наставници”!, гласат само дел од коментарите на родителите, но и наставниците на социјалните мрежи, кои деновиве никако не стивнуваат.

„Се срамам од сите глупости“: Наставничката Весела, една од 50 најдобри во светот, ја искритикува „реформата“ во МОН

– Гласот на родителите никој не го слуша. Учениците станаа експериментални глувци. Образованието ни е каша попара – вели Мирослав Велковски за „Слободен печат“, еден од низата на родители кои се против одлуката за воведување на електронски учебници во образованието.

– Се надевам дека нашите реакции, но и како што гледам реакциите на голем број на разочарани наставници и професори ќе допрат до инсистуциите, па навреме ќе се спречи оваа лудост – додава Велковски.

И дел од наставниците кои јавно коментираа, но и кои ги контактиравме, исто така сметаат дека со електронските учебници би се нарушил образовниот процес. 

По одлуката на Владата за електронски учебници, родителите реагираат: Наместо бесплатни книги, сега ќе даваме пари за принтани

-Учебникот како алатка им помага на децата, но истовремено им служи и на просветните работници да можат беспрекорно да си ја извршат работата. Ние сите имаме вежби, прашања, занимливости и всушност учебникот му асистира на наставникот во текот на предавањата. Ако му се одземе таа алатка на предавачот, да нема хартиена верзија пред него, но и пред децата, на тој начин ќе се наруши воспитнообразовниот процес – вели Томислав Гиевски за „Слободен печат“, наставник во основното училиште „Рајко Жинзифов“ во Кисела вода.

Според него, сите училишта моментално немаат ниту услови за реализација на вакво нешто.

– Моментално сите училишта во земјава не се дигитализирани за да може секој ученик пред себе да има електронски уред. Во ваква ситуација крајно непродуктивно е да се потпреме само на дигиталните учебници. Целиот воспитно образовниот процес може да се подобри кога учениците би добиле и хартиени и електронски учебници – заклучи Гиевски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот