Приватните специјализанти доставуваат пица за да преживеат, немаат здравствено осигурување и се лекуваат меѓу себе

Приватните специјализанти кои работат во Клинички Центар „Мајка Тереза“ се третирани нефер од страна на државата и од Министерството за здравство, егзистенцијално се деградирани до степен некои од нив да доставуваат пица за да преживеат, а згора на тоа што платите им се мизерни а работните обврски големи, немаат ни здравствено осигурување. Во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ според информации на „Слободен печат“ има 400 приватни специјализанти и на сите им е преку глава да работат во толку неповолни и третокласни работни услови. Доколку Министерството за здравство не ги повика на разговор, тогаш тие ќе штрајкуваат и нема да ги извршуваат работните задачи. Дополнително, и покрај тоа што за дел од нив има реална потреба да бидат дел од јавните здравствени установи, на конкурсите се примаат или понесоодветни кадри од нив, или кадри од политичките партии. Претседателката на Здружението на лекари специјализанти, доктор Александра Георгиева вели дека меѓу колегите има голем притисок да се почне со штрајк, затоа што не можат да преживеат. Категоријата „приватен специјализант“ освен во Македонија, Албанија и во Косово не постои никаде во светот.

-Приватни специјализанти како статус на лекари кои самите си плаќаат специјализација а не се вработени во ниедна државна установа не постои како поим никаде во светот освен во Македонија, Косово и во Албанија. До неодамна постоеше и во Србија но со последните измени сите приватни специјализанти таму беа вработени и таа категорија во Србија престана да постои. Во Македонија статусот приватен специјализант значи лекар кој што не е вработен, ја плаќа својата едукација 12 илјади евра во тек на 6 години, а зема плата од 26 илјади денари. Неговите работни обврски се идентични како тие што ги има државен специјализант со разликата дека државниот специјализант зема основна плата од 44 илјади денари и платени дежурства, здравствено и пензиски е осигуран и исто така државата го покрива износот од специјализацијата кон деканатот на Медицинскиот факултет, изјави за „Слободен печат“ доктор Георгиева.

Здружението каде таа е претседател се залага да дојде до намалување и потенцијално укинување на приватните специјализации бидејќи тие водат кон разрушување на здравствениот систем.

-Голема нелогичност е што и покрај недостигот на медицински кадар апсорбирањето на овој кадар во државните здравствени институции не се случува. Неодамна претходниот министер за здравство Фатмир Меџити изјави дека ќе бидат вработени сите приватни специјализанти, но и ова ветување како многуте ветувања претходно пропадна оставајќи ги приватните специјализанти уште еднаш на цедило. Џентлменскиот договор меѓу Министерството за здравство и здружението беше платата да изнесува на ниво на просечна плата исплатена за дадена година во Македонија, но денес иако платата изнесува 39.998 денари, сепак платата на приватните специјализанти е 26 илјади денари, потенцира доктор Георгиева.

Како уште поголем проблем се наметнува фактот дека приватните специјализанти немаат пензиско осигурување односно немаат стаж и дополнително последната година немаат ни здравствено осигурување, односно не можат да ги користат услугите на јавното здравство каде што и самите лекуваат пациенти.

-Ваквата неодговорна политика на здравствените власти доведува до немање на идеја за пополнување на капацитетите на здравствениот систем, односно детално да се мапира какви се потребите на државата, за кој тип на медицински кадар во кои болници и да се пополни мрежата. Тоа треба да биде ултимативна цел на Министерството за здравство за да се сочува јавното здравство. Бараме итна средба со министерот за здравство Илир Демири за да преговараме за новите начини на покачување кое бараме да биде паралелно со најавеното покачување од 5 проценти за останатите здравствени работници. Кај приватните специјализанти бараме покачувањето да биде до износ на просечна плата во Македонија. Ако не бидеме повикани од страна на министерот да разговараме за овој проблем и не се изнајде решение тогаш приватните специјализанти и здруженијата сме цврсто решени да преминеме на престанок на извршување на работните задачи во болниците на Клинички центар „Мајка Тереза“ и да го искажеме своето незадоволство преку штрајк пред Министерството за здравство, додава Георгиева.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот