Приватните автобуси се враќаат на улица, објавен јавен повик за 16 линии

Фото: „Слобода превоз“

Договорот помеѓу градоначалничката Данела Арсовска и приватните превозници денеска добива своја конкретна завршница со која скопјани од наредниот месец би требало да имаат понормален градски превоз во споредба со изминатите месеци кога бројот на автобуси беше редуциран на сите линии.
Град Скопје, како што најави, денеска објави јавен повик со кои се бараат превозници на дури 16 линии. Линиите се поделени во три пакети, за кои се наведени и минималните потребни техничко – технолошки елементи за одржување на линиите.

Според огласот, во првиот пакет се опфатени линиите со број 23, 45, 61, 63 и 73, за чие опслужување се потребни најмалку 35 автобуси и 76 возачи. Вториот пакет се однесува на превоз на линиите 9, 11, 11А, 12, 47А и 55. За автобусите да можат редовно да сообраќаат на овие релации, потребни се 39 автобуси и 83 возачи. И третиот пакет ги опфаќа линиите 19, 20, 22, 52 и 54, за што се бараат вкупно 41 автобус и 87 возачи.

Станува збор за линии на кои на повеќето до пред четири месеци возеа само превозниците од „Слобода превоз“ и „Макекспрес“, а по нивниот протест и откако им беа прекинати договорите поради неизвршување на обврските, нив ги „покриваше“ ЈСП Скопје. Сега, според објавениот оглас и во наредниот период по изборот на превозниците само на дел од овие линии ќе сообраќаат заеднички и приватниците и ЈСП и тоа, како што е наведено на линиите 9, 19, 22, 62, 61 и 63, додека на останатите 10 линии од огласот ќе возат само приватниците што ќе бидат избрани на огласот.

За разлика од претходните два огласа, овој треба да биде успешен, затоа што приватните превозници предводени од Јовица Зафировски, по средбите во Град Скопје, изјавија дека ќе се пријават на огласите затоа што им одговараат условите што им биле понудени.

На тој јавен повик ќе се пријавиме сите, нема причина да не се пријавиме, условите ни одговараат. Очекуваме дека до 20-ти овој месец ќе почнеме со работа – рече Зафировски по средбата.

Сепак, враќањето на приватните автобуси на улиците нема да се случи толку рано затоа што крајниот рок за поднесување на пријавите на јавниот оглас е 21 март 2023 година до 12 часот, а отворањето на понудите ќе се одржи точно напладне на 27 март во Град Скопје.

Доделувањето на пакетите – линии утврдени во точка 1.2 на овој оглас, ќе се изврши по пат на евалуација на поднесените комплетни и навремени затворени пријави, врз основа на утврдени критериуми наведени во документацијата за јавен оглас. Отворањето на поднесените затворени пријави ќе се одржи на ден 27 март 2023 година во 12 часот во барака број 13 – се вели во огласот.

Пакетите линии ќе се доделуваат за период до две години, со можност за продолжување, но не повеќе од вкупно пет години.

Во однос на изборот на превозници што ќе го вршат јавниот превоз на бараните линии, во огласот се наведени неколку критериуми со кои ќе се врши изборот на најповолната понуда како што се возен парк, човечки ресурси, техничка логистика и искуство во вршењето на општински линиски превоз на патници.

На овој јавен повик, нема да можат да учествуваат „Слобода Превоз“ и „Макекспрес“ поради пречките кои произлегуваат од претходниот, сега раскинат договор кој предвидуваше забрана за учество на јавен повик доколку договорот се раскине пред истекот на истиот и по нивна вина – информираа од Град Скопје деновиве.

По постигнатиот договор помеѓу Град Скопје и приватните превозници, кои неколку месеци се без работа, а автобусите им стојат паркирани, скопјани конечно можат да се надеваат дека ќе биде ставен крај на нивната четиримесечна голгота и дека нема повеќе секојдневно да се нервираат дали ќе фатат автобус ниту да се грижат дали навреме ќе стигнат на своите работни места или на училиште.

Сепак, со ова само се враќаат работите на постојната состојба пред да започнат протестите. Тоа значи дека ќе има автобуси колку што имало, а дали и понатаму некои од нив ќе бидат „крш“ останува да се види, со оглед што моментално и добар дел од автобусите на ЈСП кои се дел од јавниот превоз се под сите стандарди – расклатени, расчкрипени и валкани.

Но, за осовременување на јавниот превоз не може ни да стане збор. На повидок нема ништо од најавените нови 250 автобуси, а проектот за БРТ остана некаде заборавен. Но, со оглед на она што ги снајде скопјани во изминатиот период и враќањето на старото е подобро од ништо.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот