Фото: Слободен печат / Методи Здравев

Притвор и куќен притвор за осомничените за лихварство

Осомничените за лихварство по спроведената акција на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, добија мерки за обезбедување на присуството. Осуммина одат во ефективен притвор, тројца во куќен притвор, а едно лице кое е недостапно по пронаоѓањето ќе биде упатено во ефективен притвор соопшти скопскиот Кривичен суд.

Полицијата вчера извршила обемна акција со претреси на повеќе локации низ Скопје, поради сомневање за лихварство и за перење пари.

„Под раководство на јавен обвинител од ОЈО ГОКК, единиците на МВР по обезбедени Наредби од Основниот кривичен суд – Скопје, извршија претреси на повеќе локации низ Градот Скопје, поради основано сомневање за сторени кривични дела Лихварство и Перење пари и други приноси од казниво дело. Обвинителот, постапувајќи по кривичната пријава поднесена од МВР, донесе Наредба за спроведување на истражна постапка против 12 осомничени лица за кои постои основано сомневање дека деветмина од нив како соизвршители или помагачи ги сториле двете кривични дела, додека тројца се осомничени за кривично дело Перење пари и други приноси од казниво дело,“ соопшти Јавното обвинителство на РСМ.

Лихварите драстично ја зголемувале каматата на месечно ниво за секое задоцнување

 

Истражните органи утврдиле дека од почетокот на 2022 година досега осомничените се организирале во криминална група која позајмувала пари со пресметување на камата од 5 отсто или 15 отсто месечно зголемена за секое задоцнување.

Тие, користејќи ја тешката финансиска состојба на оштетените, договарале несразмерна имотна корист во пари, недвижен имот или други средства. Кога должниците не можеле да ја вратат позајмицата, осомничените барале да им го пренесат имотот или да го оптоварат во нивна корист.

Наплатата на паричните средства се вршела директно преку некој од осомничените или преку трансакционите сметки во банка, од сметка на оштетен на сметка на некој од осомничените. Парите што во несразмерен износ ги враќале оштетените, се внесувале на сметките на осомничените во банка или во сеф, по што ваквата несразмерна имотна корист на различни начини ја внесувале во легалните финансиски текови.

Заработиле 2 милиони евра

 

Според ОЈО, постои основано сомневање дека 12-те осомничени, заедно со едно правно лице, како организирана група за перење пари, стекнале противправна имотна корист од вкупно 125.033.527 денари (околу 2 милиони евра) што ги заработиле со лихва.

Дел од тие средства биле префрлани на сметки на други физички и правни лица, дел се користеле за купување недвижен и движен имот, а дел биле подигнати во готовина и трошени за луксузен начин на живот.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот