
Притисок, упад и целосна партизација на правосудниот систем – реакции за најавите за разрешување и за интерпелациите
Членовите на Судскиот совет, избрани во Собранието, но и републичкиот јавен обвинител Љупчо Коцевски немаат одговор на повикот на премиерот Христијан Мицкоски да дадат оставки, откако пратеници на ВМРО-ДПМНЕ поднесоа интерпелации за петтемина членови на Советот, а за обвинителот Владата почна постапка за негово разрешување како „главни виновници за ниската доверба во правосудството“.
Препорачано
Судскиот совет застана на страната на колегите од кои се бара оставка и во реакција до јавноста изрази загриженост за изјавите на носителите на највисоките функции на државната власт, бидејќи овие изјави директно влијаат врз перцепцијата на граѓаните за работата на Судскиот совет и судството.
„Секој обид за поткопување на независноста на судската власт преку притисок од каков било вид и од кого било против членовите на Судскиот совет и судиите претставува директна закана за независноста и за демократијата на државата и владеење на правото.
Во секоја правна држава, независноста на судската власт е еден од основните столбови за гарантирање на законитоста, правдата и заштита на правата и слободите на граѓаните.
Членовите на Судскиот совет и судиите мора да бидат ослободени од каква било форма на притисок и влијание за да одлучуваат самостојно и независно, и во таа насока Судскиот Совет упатува апел до сите носители на јавни функции во своето работење и дејствување доследно да ги почитуваат Уставот, законите и меѓународните договори ратификувани во согласност со Уставот, со цел владеење на правото и враќање на довербата кај граѓаните во системот“, пишува во реакцијата на Судскиот совет.
Филипче: Јасен е патоказот по кој треба да се оди
За лидерот на СДСМ Венко Филипче обидот на власта да менува членови на Судскиот совет и постапката за разрешување на Коцевски е упад во системот и обид за тотална партизација на правосудниот систем.
– Сакам да истакнам дека реформите во правосудството се клучни, најпрво поради тоа што граѓаните го бараат тоа за да се врати довербата во тој систем и сметам дека најавите на Владата да се интервенира во делот на промена на членови на Судскиот совет, иницијатива за смена на јавниот обвинител, апсолутно не е никаква реформа, туку е обид за партизација на системот.
Постои јасна стратегија што е во планот за раст што владата на СДСМ го спремаше, оваа влада на ВМРО-ДПМНЕ, односно премиерот ја потпиша во Брисел, во кој јасен е патоказот по кој треба да се оди во европската агенда, да се имплементираат различни сегменти, измени на закони за вистински да се реформира судскиот совет и целокупниот правосуден систем кај нас.
Доколку отстапиме од овој план, ризикуваме кон тотална целосна партизација на правосудниот систем – рече Филипче на брифинг со новинарите.
Тој предупредува дека со вакви чекори власта си прави упад во системот самата на себе, менувајќи ги членовите, а со оглед на тоа што уште е во подготовка новиот закон за Судски совет. Така, новите членови на Советот би биле избрани по стариот Закон за судски совет и реформскиот процес би се одложил за шест години.
– Владата веќе прави консултации за новиот закон за судски совет од сите апелациски подрачја и на овој начин себеси си прави упад во системот, менувајќи ги членовите на Судскиот совет кои според ова сценарио би биле сменети, а избрани нови според стариот закон.
Еве ја платформата за која треба да имаме национално обединување. Најголемата потреба на државата и на граѓаните се реформите во правосудниот систем.
Има серија закони што треба да се донесат и ги повикувам сите партии тоа да го направиме во Собранието и да одиме по патоказот на реформи, според европската агенда, за да направиме вистинска реформа на правосудниот систем, а не дополнителна партизација.
Нема ниту една причина да не одиме по зацртаниот и потврден пат, кој Владата го потпиша во Брисел со цел да се реформира целокупниот правосуден систем.
Како партија ќе ги поддржиме сите реформски закони што произлегуваат од планот, сè друго упад во системот и груба партизација – рече Филипче.
Тој не ја коментираше експертизата на Коцевски, но вели дека замената на едни луѓе со други е дополнителен ризик за партизација.
– Сметам дека исто, по системот за најава на промена членовите на Судскиот совет, и тука станува збор за партизација на системот. Апсолутно не сакам да коментирам ничија експертиза и знаење како ја работат работата, особено во делот на независната судска власт. Меѓутоа, апсолутно сметам дека сè што отстапува од реформската агенда и планот за раст не е вистинска реформа. Замена на едни луѓе со други не е вистинска реформа, дополнително е ризик за партизација – додаде Филипче.
За измените на Кривичниот законик што беа донесени за време на владеењето на СДСМ и ДУИ, со кои се спасија голем број поранешни функционери, а за кои Уставниот суд поведе постапка, рече дека веќе го кажале својот став кога рекоа дека овие измени што направија непоправлива штета на правниот систем, биле грешка.
– Сметаме дека треба да се донесе нов кривичен законик, кој веќе се изработува, кој се работеше со меѓународни експерти и кој е компатибилен со европското право.
Сметам дека и тоа треба да биде дел од овој пакет на закони и сè што ќе се донесе во Собранието, ќе значи вистинска реформа на правосудниот систем.
Да повторам, го поддржуваме изработувањето на новиот закон изработен со експерти, и наши и странски.
Последната информација што ја имаме е дека е испратен во Брисел да се добие мислење. Сметам дека тој закон треба да го донесеме – смета претседателот на опозициската СДСМ.
ВМРО-ДПМНЕ: Коцевски ги штити функционерите на СДСМ и на ДУИ
ВМРО-ДПМНЕ, пак, остануваат на ставот дека Коцевски треба да си даде оставка и го обвинуваат дека ги штити функционерите на СДСМ и на ДУИ.
– Љупчо Коцевски, како шеф на Јавното обвинителство, не најде за потребнo да отвори предмет против Артан Груби додека беше на власт, иако целата јавност и медиумите гласно зборуваа за сомнежите за криминал.
Коцевски не мрдна со прст ниту за криминалите во РЕК Битола и ЕСМ, каде што милиони евра народни пари се испумпаа преку матни тендери. Додека СДС ја ограбуваше државата, Љупчо Коцевски молчеше.
Сега, откако Коцевски доби одврзани раце да постапува, и беше дадена целосна поддршка од институциите, тој на секој начин се обиде да ги развлече постапките – велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Владата донесе одлука за почнување постапка за разрешување на Коцевски и го задолжи Министерството за правда да го подготви предлогот за разрешување на Коцевски. Но, по два-три дена, Министерството сè уште го нема објавено предлогот што треба да биде доставен до Советот на јавни обвинители.
Советот треба да даде мислење на предлогот, но нивното мислење не е обврзувачко за Владата, па Собранието, каде што ВМРО-ДПМНЕ има мнозинство пратеници, ќе одлучи за разрешувањето на Коцевски.