Принцот Хари вели дека во книгата ги поштедил неговите татко и брат бидејќи „никогаш не би му простиле“

Кралот Чарлс Трети и неговите синови - принцот Вилијам и принцот Хари
Кралот Чарлс Трети и неговите синови - принцот Вилијам и принцот Хари во 2014 година / Фото: EPA-EFE/WILL OLIVER

Британскиот крал Чарлс Трети и неговиот син Вилијам во четвртокот првпат се појавија во јавност по објавувањето на мемоарите на принцот Хари и неговите телевизиски интервјуа во кои тој изнесе низа обвинувања на сметка на британското кралско семејство, но тие не дадоа никаков коментар за тоа.

Принцов Хари во разговорот за весникот „The Telegraph“ вели дека во своите неодамна издадени мемоари не спомена сѐ што се случувало меѓу него и неговите татко и брат, бидејќи „никогаш не би му простиле“, додавајќи дека имал доволно материјал за уште една книга.

Во книгата насловена „Spare“ (Резерва), објавена во вторникот, принцот Хари проговара за проблемите во односите со своето семејство, особено со својот брат принцот престолонаследник Вилијам и татко му кралот Чарлс Трети.

Кралот Чарлс Трети и неговите синови - принцот Вилијам и принцот Хари
Кралот Чарлс Трети и неговите синови – принцот Вилијам и принцот Хари во 2002 година / Фото: EPA PHOTO KEYSTONE/ARNO BALZARINI

Хари изнесува поединости за долготрајните напнати односи со братот, коишто кулминирале кога во една кавга во 2019 година во врска со неговата сопруга поранешната американска актерка Меган Маркл го соборил на земја.

Фото: Профимедиа

Во интервјуто за „The Telegraph“ објавено во петокот, Хари вели дека првиот нацрт за книгата од 800 страници бил скратен за малку повеќе од 400 страници и дека на својот „писател од сенка“ Џон Џозеф Мерингер, попознат под псевдонимот Џи Ар Мерингер споменал некои инциденти за коишто не сакал да бидат објавени.

„Би можело да бидат две книги, да кажеме така“, вели Хари.

Вели дека не било возможно да биде раскажана неговата приказна а во неа да не бидат вклучени нешта а другите членови на британското кралско семејство.

„Но постојат некои работи кои се случија, особено меѓу мене и мојот брат и во одредена мера меѓу мене и мојот татко, за кои едноставно не сакам светот да знае. Бидејќи мислам дека тоа никогаш не би ми го простиле. Сега би можеле да кажете дека и онака никогаш нема да ми простат за некои од нештата што ги ставив во книгата“, вели Хари.

Портпаролите на членовите на кралското семејство досега не коментираа за ништо изнесено во книгата, ниту во низата интервјуа коишто Хари ги даде промовирајќи ги своите сеќавања.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот