Насловна корица на книгата во издание на „Артконект“

Преводот на збирката „Среќни падови“ од украинската писателка Евгенија Белорусец излезе во издание на „Артконект“

Издавачката куќа „Артконект“ од Скопје со поддршка од програмата „Креативна Европа“ ја објави книгата раскази „Среќни падови“ од современата украинска писателка Евгенија Белорусец. Преводот е на Андреј Јованчевски.

Кратките прози во збирката „Среќни падови“ се засновани на вистински луѓе и настани и ги истражуваат искуствата на жените од регионот Донбас, кои поради војна се принудени да живеат како бегалки – пренесувајќи ги вистинските приказни во доменот на фикцијата и создавајќи хибридна книга, авторката слика фрагментарна и интимна панорама на болките на нашето време.

Притоа, не само ликовите, туку и ситуациите за кои пишува авторката се пренесуваат од контекстот на секојдневното во контекстот на книжевното очудување: една бегалка не може да се раздели од својот стар скршен чадор како тој да ѝ е најблизок роднина; доброволка во војска решава да се омажи за војната; за време на празникот на жената една девојка решава да седне на земја и никогаш повеќе да не стане во знак на протест; негувателка на стари лица ги спасува своите штитеници од ангелот на смртта.

Бидејќи авторката покрај со пишување успешно се занимава и со фотографија, меланхоличните, романтични и иронични кратки прози од „Среќни падови“ се дополнети со дваесетина фотографии на Белорусец, кои со својот лирски и историски контрапункт формираат сопствен впечатлив визуелен наратив.

Евгенија Белорусец (Киев, 1980) работи како фоторепортерка за повеќе европски медиуми, меѓу кои и реномираниот германски весник „Дер Шпигел“. Членува во интердисциплинарниот уметнички колектив „Худрада“ и основачка е на списанието за уметности „Простори“. Пишува раскази, дневници и репортажи.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 333, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 23-25.5.2026)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот