Претставата „Падот на Масада“ на Драмски театар Скопје го затвора фестивалот „Ристо Шишков“ во Струмица
Со претставата „Падот на Масада“ на Драмски театар Скопје, која ќе биде изведена на 13 септември, се затвора програмскиот дел на 32. издание на фестивалот на камерен театар „Ристо Шишков“, што во Струмица се одржува од 8 до 13 септември. „Падот на Масада“ на режисерот Дејан Пројковски е меѓу осумте претстави селектирани во официјалната програма на фестивалот.
Селекторот на фестивалот Љупчо Георгиевски истакна дека „публиката и оваа година има можност да види квалитени претстави, одлични актерски креации и дека 32-от носител на признанието за високо актерско остварување со името на Ристо Шишков ќе се бара помеѓу 45-те актери од Македонија и од соседна Бугарија“.
Првпат во улога на жири ќе се најде и минатогодишниот лауреат Јордан Симонов, на кого пред почетокот на фестивалот му беше врачена плакетата од претходното издание.
Претставата „Падот на Масада“ во продукција на Драмски театар Скопје премиерно е изведена во декември минатата година и веќе има 12 изведби и учество на меѓународниот фестивал РУТА во Подгорица.
Режисерот Дејан Пројковски претставата ја работеше на текст на авторот Венко Андоновски. Асистент на режија е Дамјан Димовски, сценограф и костимограф во претставата е Валентин Светозарев, а музиката е на Горан Трајкоски.
Улогите ги толкуваат актерите на ансамблот при Драмски театар Скопје: Јелена Жугиќ, Емилија Мицевска, Филип Трајковиќ, Рубенс Муратовски и Александар Степанулески.