Претседателот на ПСЖ тврди дека Реал можел да му понуди повеќе пари на Мбапе

Килијан Мбапе потпиша нов договор со ПСЖ/ фото: EPA-EFE/Christophe Petit Tesson

Сагата околу Килијан Мбапе и неговиот нов клуб официјално заврши во саботата кога еден од најдобрите напаѓачи на светот потпиша нов тригодишен договор со ПСЖ.

Француските медиуми тврдат дека Мбапе ќе добие 600 милиони евра бруто за новиот договор, 300 милиони евра како бонус за потписот, и дополнителни 300 милиони како плата со што ќе стане најдоброплатен фудбалер на светот.

Нето сумата која ќе легне на сметката на Мбапе, по одбивањето на даноците би требало да изнесува околу 300 милиони евра, пишуваат медиумите во Франција.

Но, претседателот на ПСЖ, Насер Ал-Келаифи тврди дека парите не биле пресуден фактор за Мбапе да го откачи Реал Мадрид и да потпише нов договор со францускиот тим. Тој истакна дека Реал е во состојба да му понуди повеќе пари на напаѓачот.

– Парите не му беа најважни на Мбапе во донесувањето на одлуката. Постои клуб во Шпанија кој е во состојба да плати повеќе од нас. Нашиот спортски проект беше најважен во одлуката на Килијан да потпише нов договор со ПСЖ – изјави Ал-Келаифи.

Одлуката на Мбапе да остане во ПСЖ ги шокира шпанските медиуми кои претходно го преселија напаѓачот на „Сантијаго Бернабеу“, но и навивачите на Реал Мадрид како и претседателот Флорентино Перез.

Видео на денот