Претседателката постхумно го одликува македонскиот научник со светски углед, Анастас Коцарев
На свечена церемонија во Скопје, претседателката Гордана Силјановска – Давкова постхумно го одликува д-р Анастас Коцарев со Орденот „Илинден 1903“ за неговиот исклучителен придонес во медицината и борбата за независна Македонија.
Препорачано
Коцарев, роден во Охрид во 1890 година, бил еден од пионерите на радиотерапијата и радиографијата, соработувал со нобеловката Марија Кири и истовремено активно се залагал за македонската кауза преку студентските и политичките друштва во Швајцарија и Франција.
Претседателката Силјановска Давкова истакна дека признанието е повеќе потребно на државата отколку на самиот Коцарев.
– Впрочем, нам ни е повеќе потребна наградата одошто нему, оти медицинскиот великан и луцидниот општественик кој бил далеку пред времето, ја легитимира малата држава како татковина на научникот од светски глас, со којшто се гордееме, кого го почитуваме и наградуваме – рече таа.
Додаде дека неговата личност е симбол на спојот меѓу науката и патриотизмот.
– Коцарев е синоним за синергија меѓу прекрасниот ум, продорната мисла и храброто дејствување. Тој не е само македонски, туку и француски, швајцарски и светски научник. Со оваа постхумна награда и со обележјето на куќата во која што е роден ќе го вратиме Анастас Коцарев дома. А Охрид ќе добие уште еден великан – дополни претседателката.
Од името на семејството и Здружението на заборавени Македонци, Соња Коцарева Трпезановска нагласи дека признанието е чин на враќање на Коцарев во македонскиот Пантеон на вечноста.
– Денес овде, кога душата ни е преполна со радост и гордост што присуствуваме на овој настан со кој по долги години му се оддава највисока почест на еден светски признат научник и голем патриот, ние, потомците на д-р Анастас Коцарев, одлучивме овој орден да му го отстапиме на музејот во Охрид заедно со неговата слика со оригиналниот потпис. Иако долги години работеше во Швајцарија и Франција, неговата најголема желба беше да се врати во Охрид. Се надевам понатака државата ќе направи напори за негово конечно враќање во Македонија во неговиот сакан Охрид, каде секоја година достоинствено ќе чествуваме, рече таа.


