Претепана жена во Автокоманда, насилникот ја удрил по глава со гајба полна со шишиња
Насилник претепал жена, која ја удрил и со гајба полна со шишиња, соопшти Обвинителството.
Препорачано
Настанот се случил вчера попладне, кога жената отишла да се види со осомничениот пред угостителски објект во населбата Автокоманда.
-Тој најпрво започнал грубо да ја навредува, а потоа зел пластична гајба полна со стаклени шишиња, замавнал со неа и ја удрил по главата. Оштетената започнала обилно да крвари и зашеметена успеала да повика полиција, по што со брза помош била пренесена во болница, каде и биле констатирани тешки телесни повреди, се вели во соопштението од ЈОРСМ.
Имајќи го предвид начинот на вршење на кривичното дело, а со цел да се заштити жртвата од можноста за ново загрозување на нејзината безбедност, здравје и живот, јавниот обвинител од судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје побара на осомничениот да му бидат определени повеќе мерки на претпазливост: забрана за приближување или воспоставување, односно одржување контакти или врски со оштетената, привремено одземање на патна исправа за преминување на државна граница и обврска да се јавува повремено на определено службено лице.


