Лоренс Вонг / Фото: JULIEN DE ROSA / AFP / Profimedia

Премиерот на Сингапур предупредува на глобална нестабилност

Премиерот на Сингапур Лоренс Вонг, издаде остро предупредување за иднината на глобалната стабилност, велејќи дека светот влегува во „хаотична и непредвидлива“ транзиција кон постамерикански поредок што може да трае една деценија. Вонг повика на итна акција за промовирање на либерализацијата на трговијата и заштита на глобалните заеднички интереси, пишува Фајненшл тајмс.

– Нема сомнение дека ќе биде хаотично и непредвидливо, бидејќи Америка се повлекува од својата улога како глобален гарант на стабилноста, но нема друга земја што е способна или спремна да го пополни тој вакуум – рече Вонг.

Како земја што профитираше од повоената ера на глобализацијата, Сингапур не може да чека. Вонг нагласи дека мора да се преземат мерки сега, „за да се изградат нови трговски врски и да се одржи моментумот на либерализација на трговијата“, работејќи со други земји со слични размислувања. Сингапур, како важен трговски центар, е исклучително изложен на нарушувања во глобалната трговија, особено поради царините на Трамп. Иако градот-држава доби релативно ниска царинска стапка од 10%, повеќето од неговите соседи беа погодени со 19%, што се заканува да ги наруши сложените регионални синџири на снабдување.

Вонг го наведе неодамна започнатото Партнерство за иднината на инвестициите и трговијата, основано од Сингапур, Обединетите Арапски Емирати и Нов Зеланд, како пример за здружување на помалите нации. Исто така, постои потенцијал за трговски договор меѓу ЕУ и АСЕАН.

– Ние сме во свет каде што глобалниот систем станува сè повеќе пренатрупан. Но, сакаме да ги задржиме артериите на трговијата отворени – а можеби и да создадеме нови артерии – живописно објасни премиерот.

Опишувајќи ја економијата на Сингапур како „канаринец во рудникот за јаглен“, Вонг предупреди дека компаниите веќе се воздржуваат од инвестиции и вработувања и дека забавувањето ќе се почувствува во втората половина од годината. Премиерот верува дека „Америка на прво место“ на администрацијата на Трамп не е привремен феномен, туку одраз на поширока промена во политичката култура. Во врска со рамнотежата меѓу САД и Кина, Вонг верува дека Кина во моментов не е ниту способна ниту подготвена да ги замени САД како доминантна сила, бидејќи „сè уште е земја со среден приход со многу внатрешни предизвици“.

– Значи, сè уште не се појавил нов глобален лидер, а ние сме во овој многу непредвидлив, хаотичен период на транзиција – заклучи Лоренс Вонг.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот