Проектот е перформативен радиоесеј

Премиерата на перформансот „Железничарот на крајот на светот“ ќе се одржи во киното во Железничката зграда

Проектот „Железничарот на крајот на светот“ е перформативен радиоесеј, чија премиера ќе се одржи на 5 мај (вторник), во просторот на киното во Железничката зграда во Скопје (ул. Борка Талевски 26). Билетите за премиерата се однапред распродадени. Претставата истовремено ќе се емитува на „Стереолаб радио“ во живо.

Авторскиот концепт и просторот/сценски дизајн се на Филип Јовановски, развој на перформансот е на Филип Јовановски и Кристина Леловац, а текстот го работеа Кристина Леловац и Максим Никифоровски. Креативна продукција и соработник на сценски дизајн е Димитар Милев, изведувачка е Мартина Даниловска, оригиналната музика и дизајн на звук се на Лука Тошев, продуцент е Ненад Пинтер. Истражувачки тим е Ивана Богичевиќ Леко, Ненад Пинтер и Лука Кнежевиќ Стрика („Једноставно речено“) и Максим Никифоровски (ФРУAKTO) и кураторски поглед е на Ивана Васева.

Продукцијата е на „Једноставно речено“ (Белград) во партнерство со Лабораторија за просторно изведувачки практики „Градот како сцена“ на платформата за современа уметност и култура „Факултет за работи што не се учат“ /„АКТО фестивал за современи уметности“ (Скопје).

„Железничарот на крајот на светот“ е имерзивно патување низ последните 130 години од историјата на светот (1896 година – 2026 година), во кои, работничките и синдикални борби на железничарите се испреплетуваат со некои од највозбудливите проблесоци на уметноста на ХХ век, но и со тивкиот подем, пoвремениот пад и постојаната закана од фашизмот.

Во темнината на црната кутија, публиката, лишена од сетилото на вид, е упатена, со сите други сетила, да го доживее и проживее минатото на радикалните, прогресивни, левичарски, автономистички, синдикални и уметнички движења, и е поттикната да замисли иднина во која заложбите на овие движења се остварени.

Перформансот, развиен низ колаборативно истражување во полето каде се пресекуваат визуелната уметност, архитектурата, музиката и изведбените уметности, се надоврзува на истражувачката и документарна работа за историското, општествено и културно значење на работниците на југословенските железници и на потенцијалите истото да отвори простор за дијалог за заедничкото минато, солидарноста и можностите за заедничка иднина.

Проектот „Железничарот на крајот на светот“ се спроведува во рамките на Програмата за финансиска поддршка на организациите на граѓанското општество (FSTP), имплементирана од Центарот за локална демократија – ЛДА Суботица во соработка со Фондацијата Нови Сад – Европска престолнина на културата, координатор на проектот „Област на помирување“, кој е кофинансиран од Европската Унија преку Програмата за финансиска поддршка на граѓанското општество и медиумите во Западен Балкан ИПА III, известија од ФРУ/АКТО.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот