Премиера на современиот балет „Пепелашка“ во Националниот балет

Националната опера и балет (НОБ) ја најави најновата балетска продукција, современиот балет во три слики „Пепелашка“ од Сергеј Прокофјев со кореографија на Александар Илиќ од Србија. Премиерата на „Пепелашка“ е закажана за 19 ноември, во 19 часот, а првата реприза ќе се одржи на 25 ноември.

На прес-конференцијата за премиерата на балетот „Пепелашка“ се обратија Васо Ристов, директор на НОБ, Олга Панго, раководител на Националниот балет, кореографот Александар Илиќ (Србија), сценографот Филип Коруновски и костимографката Катерина Радошевиќ Галиќ (Хрватска).

Кореографот Александар Илиќ е прв солист на Народно позориште во Белград. Работи како кореограф и професор, а основач е на Институтот за уметничка игра. Од 2019 година е директор на Културниот центар на Белград. Досега работел на повеќе опери, поставил балетски претстави, танцови перформанси и инсталации, како и претстави за деца.

Балетската претстава „Пепелашка“ во НОБ е наменета за сите генерации гледачи, не е работена според моделот на „Дизни“, туку содржи елементи на модерниот и класичниот балет. Во насловот е додаден хаштаг „Љубов“.

Кореографот Александар Илиќ посочи дека е многу важно да се поставуваат класични дела, кои се дел од растењето и созревањето на сите генерации.

– Кога почнав да размислувам за современа поставка на „Пепелашка“, важно ми беше да се задржи оригиналното либрето, но и да се следи современоста. Да направиме претстава која може да комуницира низ современ кореографски јазик – истакна Илиќ.

Дејството во „Пепелашка“ е сместено во 1970-те години, во времето на премиерата на познатиот филм „Брилијантин“. Како и во секоја бајка, во претставата има и добрина и зло, има верба за поубав живот и има љубов, а претставата завршува со хепиенд и „сите живееја среќно до крајот на животот, многу среќно, бидејќи ’Love is in the Air‘“.

Во балетот играат Христина Наќевска како Пепелашка, Мирослав Митрашиновиќ како Принцот, Саша Евтимова, Марија Јосифовска-Ристовска, Ендру Кук (Англија), Кристијан Јангос, Драган Кочоски и Гала Кочевска, како и балетскиот ансамбл на НОБ.

Адаптацијата на музиката е на Георг Драушник Хрватска), а асистенти на кореографија се Саша Евтимова и Мојца Мајцен (Словенија). Дизајнер на светло е Милчо Александров.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот