Предновогодишно интервју со Ирина Камилоска, планинарка: Новогодишната ноќ ќе ја поминеме со Јосиф и Лена, за првпат како четиричлено семејство
„Еден период додека бев слободна девојка, можеби и не обрнував многу внимание на украсување на домот, но откако се реализирав како мајка, се трудам секое ќоше да има некоја декоративна нота во духот на празничната еуфорија“, вели Ирина.
Новогодишните и божиќните празници се период кога се навраќаме на спомените од изминатата година, а со надеж гледаме кон новите почетоци и предизвици. Во фокусот се важноста на заедништвото, човечката топлина и оптимизмот што ги носат овие денови.
Препорачано
Во духот на празничната атмосфера, разговараме со планинарката Ирина Камилоска, за нејзините празнични традиции, спомени, но и новогодишните желби за 2026 година.
Ирина, веќе ја чувствуваме празничната магија околу нас. Што претставуваат новогодишните и божиќните празници за тебе?
– За мене предновогодишните и божиќните празници се период од годината кога се негува една убава семејна традиција, украсување на домот, богата трпеза и чувствување на целата празнична еуфорија. Оваа година сум особено благодарна што истата еуфорија ја пренесувам и на моите две деца, и ја гледам радоста во нивните очиња со секое вклучување на светилките во домот.

Овој период од годината секогаш ни остава убави спомени. Кој е твојот омилен момент од животот поврзан со Нова година или со Божиќ?
– Мој омилен момент од животот е поврзан поточно со ноќта пред Божиќ, а тоа е Бадник. Во Тетово на Бадник сите излегуваат на бадниковиот оган под маски. И во градот владее една убава атмосфера за бадниковиот маскенбал. Па се избира најубава маска, се даваат подароци итн. Генерално, младите цела година смислувавме и подготвувавме материјали за маската што ќе ја изработиме за следниот Бадник.
Дали те понесува празничната еуфорија за украсување во домот? Постои ли некоја специфична традиција што сѐ уште ја негуваш околу китењето на новогодишната елка?
– Секако дека да. Еден период додека бев слободна девојка, можеби и не обрнував многу внимание на украсување на домот, но откако се реализирав како мајка, се трудам секое ќоше да има некоја декоративна нота во духот на празничната еуфорија.

Крајот на годината носи и рекапитулација на сите изминати месеци. Дали си ги исполни ветувањата и целите што си ги зацрта? И за што си најмногу горда оваа година?
– Искрено, моите цели се многу повисоки со секоја наредна година. Веројатно тоа е така кај секој еден од нас, само така човек може да расте и да се изгради и искачи на едно скалило повисоко. Во 2025 година успеав да реализирам голем дел од ветувањата кон себеси, за 2026 ќе видиме…
Горда сум што успевам полека кон крај на годинава да се вратам во форма и конечно да се чувствувам убаво во својата кожа.

Со кого и каде ќе ги поминеш празниците? И што си посакуваш 2026 година да ти донесе?
– Се разбира ќе ги поминам во домот со моите најмили. Доколку успееме да се организираме со Павле, мислам дека би оделе на некоја дневна дружба со пријатели, но ноќта секако дека е во план да ја поминеме со Јосиф и Лена, бидејќи ова е прва Нова година на четирите члена во семејството.
Kоја е твојата новогодишна порака до читателите на „Слободен печат“?
– Им посакувам на сите здравје, благосостојба и среќа во 2026 година. Верувајте во своите желби и идеи. Само со верба и работна дисциплина може да постигнете сѐ што ќе си замислите!



