Празниците донесоа 7.166 патници во еден ден на аеродромот

Истражувањата на Меѓународниот совет на аеродроми, покажуваат дека секој дополнителен 1 милион патници што патуваат преку еден аеродром, креира 3 илјади нови работни места, и тоа – директно на аеродромот и индиректно во туризмот, услужниот сектор и поврзаните индустрии.

Во екот на летната и зимската сезона на скопскиот аеродром врие како во кошница. Но, сè повеќе туристи доаѓаат и си заминуваат и од охридскиот аеродром. Ова, како што вели Алпер Ерсој, генерален директор на „ТАВ Македонија“, се должи на нивната интензивна работа во изминативе 10 години во Македонија и на различните дестинации.

Тој потенцира дека патниците имаат голем избор за патување од двата аеродрома – од скопскиот до 44 дестинации опслужувани од 13 авиокомпании, додека од охридскиот до 22 дестинации, од коишто 8 се активни во текот на целата година, а 14 се сезонски, односно сообраќаат од април до октомври. Притоа, од годинава од скопскиот аеродром има четири нови дестинации, до Баден Баден, Бремен, Ларнака и Турку, а од охридскиот исто така се воведоа 4 нови редовни авиолинии до Малме, Милано, Меминген, Дортмунд, како и 4 сезонски до: Штутгарт, Диселдорф, Мастрихт и Адана.

За новогодишните празници вообичаени се турканиците на аеродромите. Колку лета дневно имавте непосредно и за време на празниците?

– За време на празниците авиосообраќајот е секогаш поинтензивен бидејќи луѓето повеќе патуваат, а ова не се однесува само за празниците во текот на зимскиот период туку и за летните одмори. Во зима најчесто најпрометните денови се во текот на декември, пред католичкиот празник Божик, додека во летниот период најпрометните денови се во текот на август. На 5 август 2019 година го имавме најпрометниот ден за цела 2019-та, кога опслуживме 9.812 патника на скопскиот аеродром во еден ден, додека на 23 декември опслуживме 7.166 патници и очекуваме ова да е најпрометниот ден во зимскиот период, имајќи ги предвид навиките на патниците од претходните години.

Како ја оценувате годинава што изменува во однос на бројот на патниците од скопскиот и охридскиот аеродром?

– Многу сме задоволни со резултатите што ги остваривме годинава, како и сите претходни години, и тие нѐ прават особено горди. Благодарение на нашата посветена, професионална, работа, и скопскиот и охридскиот аеродром секоја сезона остваруваат рекорди. Во ноември годинава особено отскокна охридскиот аеродром, каде што постигнавме исклучителен пораст од 240 отсто на годишно ниво, додека во декември ја надминавме вкупната бројка од 300.000 патници, што досега никогаш не била остварена на аеродромот „Св. Апостол Павле“ – Охрид.

До 23 декември 2019 година вкупно 2,6 милиони патници патуваа преку двата македонски аеродрома што претставува 14 проценти годишен пораст, додека само на аеродромот во Охрид, во текот на истиот период, забележавме значаен пораст на годишно ниво на бројот на патници од 71 процент.

Целиот развој на воздушниот сообраќај во земјата е особено позитивен, а тоа се должи на нашите секојдневни напори, но и на добрата соработка со Владата, Агенцијата за цивилно воздухопловство, М-НАВ, полицијата, царината и со сите авиокомпании како наши клиенти.

Дали беше можно да постигнете вакви бројки доколку не беа субвенционираните летови?

– „ТАВ Аеродроми“ откако е присутен на македонскиот пазар, го користи своето знаење, вештини и вмреженост на меѓународно ниво, со цел да придонесе кон зголемувањето на авиосообраќајот во земјата. Само дел од нашите редовни активности е присуството на тимот за маркетинг на „ТАВ аеродроми“ на значајни меѓународни саеми и настани за туризам и авијација, со цел да привлечеме повеќе авиокомпании и тур-оператори да влезат на македонскиот пазар.

Авијациската индустрија има многу висок засилувачки ефект во сите сфери на економијата. Истражувањата на Меѓународниот совет на аеродроми, покажуваат дека секој дополнителен 1 милион патници кои патуваат преку еден аеродром, креира 3 илјади нови работни места, и тоа – директно на аеродромот и индиректно во туризмот, услужниот сектор и поврзаните индустрии.
Оттука, привлекувањето нови авиокомпании, воспоставувањето нови авиолинии, придонесува за целата земја и за нејзината економија така што какви било субвенции треба да се гледаат токму од овој аспект.

Кои нови дестинации може да ги очекуваме од наредната година?

– Конкретни најави од авиокомпаниите за воведување нови дестинации во 2020 година засега немаме. „ТАВ Аеродроми“, од друга страна, е во редовна комуникација и преговори со авиопревозниците и со тур-операторите, со цел мрежата на дестинации од скопскиот и од охридскиот аеродром да биде проширена. Од аспект на авиоиндустријата, пак, 2019 година се покажа како турбулентна, бидејќи многу авиокомпании од сите делови на светот мораа да ги прекинат своите операции поради финансиски проблеми. Поради ваквите настани на пазарот, авиопревозниците со поголема внимателност пристапуваат кога е во прашање воведувањето нови дестинации, но се надеваме дека овој тренд веќе од следната година ќе се придвижи во позитивна насока.

Подготвени ли сте да ги инвестирате договорените 45 милиони евра што беа наменети за штипскиот аеродром во други проекти за кои ќе добиете список од Владата?

– ТАВ во соработка со Владата е подготвен за реализација на овие инфраструктурни проекти, но во следниот период треба да се финализираат административните процедури.
Ако сите процедури се завршат, во 2020 година ќе работиме на проширување на капацитетите на двата македонски аеродрома.

Аеродромот во Скопје е често наградуван. Добивте награда за квалитет на аеродромски услуги во Азија, аеродромот беше прогласен за најбрзорастечки во Европа… Сепак, има ли нешто што посакувате да биде подобро?

– Наградата беше целосно заслужена, бидејќи како компанија работиме професионално во текот на целата година. Несомнено, секогаш постои простор да се биде подобар и да се воведат нови услуги. Секојдневно сме посветени на откривање што треба да се адаптира и промени, врз основа на движењето на патниците, на нивните барања, како и на технолошкиот развој.

И на крај, по 10 години присуство во Македонија, што е она на што сте горди, а што ве прави нервозни?

– Особено сме горди што успеавме да го доведеме македонскиот авијациски пазар на стабилно и одржливо ниво. Остваривме четирипати поголем патнички сообраќај во период од 10 години, како и значително зголемување во поглед на бројот на дестинации, четирипати сме прогласени за најдобар аеродром во Европа во својата категорија, вработуваме околу 1.000 луѓе и придонесуваме во развојот на македонската економија, со тоа што преку скопскиот аеродром земјата ја поврзуваме со 44 директни дестинации. По сите овие достигнувања, искрено, не се сеќавам на ниту еден нервозен момент.

Катче за пушачи и повеќе продавници

Директорот на „ТАВ“, Алпер Ерсој, најавува дека во февруари ќе почнат градежните работи со коишто ќе се направат две простории за пушење на двете страни на терминалот, во делот откако ќе се помине пасошката и безбедносната контрола.

„АТУ“, сестринската компанија на „ТАВ“, пак, работи на воведување нови брендови за да се обезбеди што поразновидна понуда во бесцаринските продавници.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот