Пратениците за три месеци ќе „расветлат“ трагедии со вкупно 138 жртви
Мариела Трајковска
Пред
Неизвесно е како за четири големи трагедии – пожарот во Кочани и во модуларната болница во Тетово, и сообраќајките на автобусите на „Дурмо турс“ и на „Беса транс“ – пратениците ќе ја истуркаат работата за 45 дена, колку што предвидува Деловникот, и како ќе успеат за сите случаи одделно да поднесат поединечни заклучоци во дополнителниот предвиден рок од 30 дена
За три месеци или до крајот на март следната година пратениците ќе „расветлат“ неколку од најголемите несреќи во Македонија кои однесоа околу 130 човечки животи. Според најавите, во декември во Собранието треба да почне со работа анкетната комисија. Пратениците преку комисијата ќе треба на Обвинителството да му посочат нови „виновници“ за несреќата во тетовската модуларна болница, за автобуските сообраќајки кај Ласкарци и во Бугарија, но и за пожарот во дискотеката „Пулс“.
Иницијатива за формирање анкетна комисија поднесоа владејачките ВМРО-ДПМНЕ, Вреди и ЗНАМ, додека претседателот на Собранието Африм Гаши, барањето за формирање анкетна комисија за трагедијата во дискотеката „Пулс“ во Кочани ја врати на доработка на опозициските партии СДСМ и Левица.
Анкетната комисија, иницирана од власта, треба да ја утврди одговорноста на функционери, носители на јавни функции и други поврзани лица, како и да ги утврди околностите при постапувањето на институциите во врска со пожарот во ноќниот клуб-кабаре во Кочани, но и пожарот во модуларната болница во Тетово, потоа за сообраќајната несреќа на автобусот на компанијата „Дурмо турс“ во Ласкарци и уште потрагичната сообраќајка – на автобусот на „Беса-транс“ во Бугарија.
Стојаноски: 77 потписи се доказ дека нема политизирање
Пратеникот Бојан Стојаноски од ВМРО-ДПМНЕ рече дека собраните 77 потписи се доказ дека не сакаат да ги политизираат трагичните настани, туку сакаат да помогнат засегнатите во овие несреќи да дојдат до правдата.
Бојан Стојаноски ВМРО-ДПМНЕ Фото: Принтскрин
– Сите прашања мораат да бидат одговорени и сите случаи треба да го добијат неопходниот епилог – рече Стојаноски.
Анкетната комисија ќе се формира врз основа на член 124 став 5 од Деловникот на Собранието. Ќе ја сочинуваат 15 члена и нивни заменици, од кои седум члена ќе бидат предложени од ВМРО-ДПМНЕ, по два члена од СДСМ, од Европскиот фронт и Вреди и по еден член на ЗНАМ и на Левица. Со комисијата ќе претседава партеник од опозициска партија.
– Форматот, односно составот, е клучната работа што ја прави оваа комисија деловничка и легитимна, за разлика од некои други обиди во минатото. Само на овој начин може да дојдеме до резултати и конкретен одговор на секое прашање. Комисијата ќе изготви наоди кои ќе бидат основа за поведување постапка за утврдување одговорност на сите инволвирани кои придонеле кон случување, односно не придонеле кон спречување на овие трагични настани. Секоја пратеничка група има право да предложи листа на сведоци и на експерти, секој сведок и експерт, поканет да даде изјава пред Анкетната, има обврска да се појави пред пратениците. Комисијата ќе подготви извештај кој ќе го достави и до Владата и до Јавното обвинителството – рече Стојаноски.
На координација Комисијата ќе одлучи кој од предметите првично ќе го работи, а пратениците сите случаи треба да ги изработат најмногу за 45 дена, односно во тој период треба да бидат повикани сите сведоци и да заврши нејзината работа. Комисијата има рок од еден месец да излезе со конечен извештај.
На прашањето – зошто не почекале СДСМ и Левица да ја доуредат нивната иницијатива, туку власта поднела своја иницијатива за формирање анкетна комисија, Стојаноски рече дека Деловникот е јасен како се формира анкетна комисија.
– Во нашата одлука има поведување одговорност за тие за кои ќе има заклучок. Комисијата не треба да се политизира и треба да биде проширена на сите трагедии, а не само на една, бидејќи во изминатиов период можевме да видиме дека за лица кои се опфатени со судски пресуди не се извршуваат законските казни и дека вистинските виновници не се изведени пред лицето на правдата – рече Стојаноски.
Тетово, 9 септември 2021 / Фото: „Слободен печат“/Драган Митрески
Сепак, неизвесно е како за четири големи трагедии пратениците ќе ја истуркаат работата за 45 дена и како ќе успеат за сите случаи одделно да поднесат поединечни заклучоци.
Според Стојаноски, намерата е сите кои бараат одговори да ги добијат, зашто општо мнение во државата е дека дури и за случаите за кои има судска завршница, сите виновници не се изнесени пред лицето на правдата и дека нема институционален виновник за тоа.
– Очекуваме вистинските виновници да излезат на површина и системот да се реконфигурира за вакво нешто никогаш повтпорно да не се случи – рече пратеникот.
Според него, за завршените случаи, на пример за пожарот во модуларната болница во Тетово, неприфатливо е виновен да е кабелот, двајца директори и лекар, а некој распишал јавна набавка, без притоа да внесе критериум за противпожарна заштита за пациентите. За „Беса транс“ остана неодговорено како некој на тој автобус му дал печат за извршен технички преглед, а тој бил неисправен или воопшто не бил на технички преглед.
Гаши ја врати иницијативата на СДСМ и Левица на доработка
Претседателот на Собранието Африм Гаши на брифинг со новинарите информира дека ќе ја врати на доработка иницијативата на СДСМ и Левица за формирање анкетна комисија што треба да ги испита околностите за трагедијата во Кочани. Тој информираше дека во предлогот на опозицијата било утврдено дека мнозинството во комисијата му припаѓа на опозицискиот блок, што е спротивно на собранискиот Деловник. Опозицијата предложила по четири члена на Анкетната да бидат од СДСМ и од ДУИ, тројца да има од ВМРО-ДПМНЕ, двајца од Вреди и по еден од Левица и од ЗНАМ.
Африм Гаши / Фоот: Фејсбук
Гаши се повика на член 124 од Деловникот, според кој сите работни тела, вклучително и анкетните комисии, мора да имаат состав, пропорционален на парламентарниот распоред на силите, односно на бројот на пратеници. Тоа значи дека мнозинството во комисијата го има власта, додека претседателот се избира од опозицијата. Бидејќи ова правило не е испочитувано, иницијативата е вратена на доработка.
За опозициската ДУИ начелно е прифатлив предлогот на власта за анкетна комисија за повеќе несреќи, додека од СДСМ го обвинија премиерот Христијан Мицкоски дека преку Гаши го минира формирањето на Анкетна комисија за трагедијата во Кочани, што е барање на семејствата на загинатите и повредените, велат од СДСМ.
Изгорената дискотека „Пулс“ во Кочани / Фото: EPA-EFE/GEORGI LICOVSKI
-Очигледно, Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ се плашат од вистината за Кочани па затоа се измислуваат некакви деловнички изговори. Поднесената иницијатива на пратениците на СДСМ е цлеосно согласно Деловникот кој дава можности да се утврди бројот на членови и делокугрот за работа, на самата седница на којашто ќе се одлучува по одлуката за формирање на Анкетната комисија да се утврдат членовите и составот на анкетната комисија. Гаши им купи две недели на Мицкоски и ДПМНЕ но треба да знае дека нема бегање од вистината и од правдата. СДСМ ќе ги искористи сите законски и Деловнички механизми и повторно ќе поднесеме нова иницијатива. Нема да дозволиме да успее обидот на власта по секоја цена да ја спречи формирањето ниту пак работата на Анектната комисија за Кочани – соопшти СДСМ.
Од опозициската партија велат дека граѓаните, семејствата, јавноста треба да ја дознааат и ќе ја дознаат целата вистина за Кочани, како и на кој начин била загрозена безбедноста на присутните во објектот, кои биле институционалните пропусти, какви се прекршувањата на законските одредби, како и тоа кој треба да понесе политичката одговорност.
За несреќата кај Ласкарци, во која загинаа 16 патници, веќе има правосилна пресуда, но главните обвинети – сопственикот на транспортната компанија, чии автобуси уште возат, Дурмиш Белули, и шефот на возниот парк, Ремзи Мифтари – и по седум месеци од изрекувањето на пресудата уште не се во затвор. Белули треба да влезе во затвор на 1 декември, а Мифтари требаше да биде веќе во „Идризово“, но прво му беше одобрено одложување поради операцијата на тестиси, а сега полицијата не може да го најде.
За пожарот што се случи на 8 септември 2021 во модуларната болница во Тетово, кога изгореа 14 пациенти што се лекуваа од ковид-19, поранешните директори се осудени на по една и пол година затворска казна, пресуда што беше обжалена, но истрагата што ја отвори Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција за тоа како се граделе модуларните болници со години е во предистрага.
Превртен автобус на Дурмо-турс кај Ласкарци / Фото: EPA-EFE/GEORGI LICOVSKI
Неколку месеци по несреќата во Тетово, на 22 ноември 2021, во Бугарија се запали автобус полн со македонски патници. За 45 живи изгорени патници, меѓу кои 12 деца, единствено вина се утврди кај двајца цариници и кај возачот на автобусот, кој, исто така, загина. Во автобусот имаше 50 патници кои се враќаа од Истанбул кон Македонија. Се водеше постапка и против управителот на агенцијата „Беса транс“, Беким Хаџиу, со оглед на тоа што автобусот што изгоре ја поминувал државната граница дури 135 пати со подметната лиценца. Тој од Кривичниот суд беше осуден на една година и осум месеци затвор, но предметот беше вратен на повторно судење, во кое Хаџиу не се гони за директните последици од несреќата. Во истрагата спроведена од бугарските правосудни органи, како главна причина за несреќата беше наведена човечка грешка. Според бугарското Обвинителство, возачот што загина во несреќата управувал со неприспособена брзина и ја загубил контролата над автобусот, што довело до ударот и до пожарот што избил потоа во кој загинаа 45 патници.
Почитуван читателу,
Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не.
Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат.
Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.
ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ
СЛОБОДЕН ПЕЧАТ. Е-БИЛТЕН
НЕ ГУБИ ВРЕМЕ! ЗАЧЛЕНИ СЕ И ДОБИЈ ГИ НАЈВАЖНИТЕВЕСТИ НА НЕДЕЛАТА - БЕСПЛАТНО ВО ТВОЈАТА Е-ПОШТА!
СЛОБОДЕН ПЕЧАТ. Е-БИЛТЕН
НЕ ГУБИ ВРЕМЕ! ЗАЧЛЕНИ СЕ И ДОБИЈ ГИ НАЈВАЖНИТЕВЕСТИ НА НЕДЕЛАТА - БЕСПЛАТНО ВО ТВОЈАТА Е-ПОШТА!
Во вечерашната епизода на „Мамамвизија“ гостинка е нашата фолк-пејачка Зуица Лазова. Ќе ја видите секогаш ведра, полна со емоции на сцената. Таа е еден од најдобрите вокали на нашата сцена, дама со харизма, но каква мајка е? Сопруга му е на врвниот пејач Наум Петрески со кого важат за еден од најинспиративните парови на естрадата. …
Во вечерашната епизода на „Мамамвизија“ гостинка е нашата фолк-пејачка Зуица Лазова. Ќе ја видите секогаш ведра, полна со емоции на сцената. Таа е еден од најдобрите вокали на нашата сцена, дама со харизма, но каква мајка е? Сопруга му е на врвниот пејач Наум Петрески со кого важат за еден од најинспиративните парови на естрадата. …