Коли на пратеници кај собрание / Фото: Слободен печат / Драган Митрески
Пратениците утре ќе се „возат пешки“
Мариела Трајковска
Пред
Целта на синдикалците е „пратениците да поминат покрај работниците и да ги погледнат во очи“, но и да ги спречат да наплатат патни трошоци. Пратениците ќе присуствуваат на седницата, но готват „стратегија“ како да стасаат до Собранието
Пратениците утре ќе треба да станат порано и да дојдат пеш до Собранието, затоа што Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) за во 9 часот најави блокада на влезовите на Законодавниот дом за да не може пратениците да дојдат со возила. Целта на синдикалците е пратениците „да поминат покрај работниците и да ги погледнат во очи“, но и да ги спречат да наплатат патни трошоци.
Пратениците не ја откриваат „стратегијата“ за утрешниот ден. Опозиционерите велат дека на седница ќе присуствуваат и дека за нив не е спорно да се соочат со синдикалците. И од владејачкото мнозинство рекоа дека ќе дојдат на своите работни места во Собранието и дека веќе добиле пораки да присуствуваат на седницата и да избегнат каква било провокација со присутните на протестот.
Работниците предводени од ССМ, утре во 9 часот ќе одржат протест со блокади на улиците „11 Октомври“ и „Даме Груев“ пред зградата на Собранието, на Фејсбук најави претседателот на ССМ Слободан Трендафилов. Тој посочи дека оваа блокада е дел од притисокот за зголемување на минималната плата и линеарен раст на другите примања на работниците.
Претседателот на Собранието Африм Гаши на брифинг со новинарите информираше дека за протести разговарале на координацијата со шефовите на пратеничките групи, кои, пак, треба да разговараат со пратениците за да најдат начин како да дојдат во Собранието, на закажаната пленарна седница.
– Зборувавме дека ќе има протест и им најавивме на координаторите да разговараат со пратениците за да најдат начин да дојдат на седница без да го попречиме правото на протест на граѓаните. Не верувам дека некој ќе дојде со автомобил. Дали ќе дојдат пеш, дали порано ќе дојдат – не знам, но се договоривме дека ние треба да работиме, а едновремено и да го испочитуваме правото на протест – рече Гаши.
Тој додава дека барањата на ССМ не биле тема на средбата на координаторите на пратеничките групи, бидејќи покачувањето на платите е политичка тема што бара политички одговор, а секоја партија за тоа си зазема став. Гаши смета и дека работниците ќе го попречат само влезот за автомобилите и дека нема лично да ги спречат пратениците да влезат во Собранието.
– Шефот на кабинет се сретна со началниците, МВР прави процена што треба да направат и како ќе реагираат. МВР ги презема сите мерки. Ние се надеваме дека сè ќе биде мирно и ќе тече како што треба. Тие ќе протестираат, ние ќе работиме. Гарантирано уставно право е на пратениците да влезат во Собранието. Најавата е дека ќе ги блокираат влезовите за автомобилите и МВР прави безбедносна процена за тоа – вели Гаши.
Иако намерата на ССМ е пратениците утре да не дојдат со возила за да не наплатат патни трошоци, Гаши вели дека постапката за наплатување патни трошоци е определена со закон, деловник и со одредби и, ако некој не приложи фискална сметка, не може да се исплатат патни трошоци.
За синдикалните барања Гаши смета дека проблемот не може да се реши само со покачувањето на платите.
– Начелно, сите се бориме за благосостојба на граѓаните, затоа постои државата, ние како партии, Собранието… Тоа е прва наша должност и прв приоритет – да обезбедиме благосостојба за граѓаните, но тоа е комплексно прашање и не може да се реши само со зголемување на платите. Да зависи од мене таа работа, би ги покачил и минималната и сите плати, но сепак треба да се има предвид целокупната економска слика. Треба да се направи генерална анализа, да се видат сите плати во државата. Според мене, мислам дека треба да се нивелираат платите по приоритет кои функции се најбитни во државата, па оттаму да определиме колку ќе зема претседател на државата, на Собранието, пратеник, премиер, директор, наставници, лекари и да имаме поправично нивелирање на платите. Најдобро би било да се реши тој проблем на тој начин – смета Гаши.
Од 9 часот блокада на улиците „11 Октомври“ и „Даме Груев“
Претседателот на ССМ Слободан Трендафилов на прес-конференција рече дека според закон, најмалку по 21 човек се потребни на двете локации за да ги блокираат пратениците и ги покани сите што можат да им се приклучат.
– Блокадата треба да упати порака до пратениците дека тие го блокираат законот за минимална плата повеќе од една година, а за истиот временски период секое семејство е посиромашно за 9.500 денари месечно затоа што вредноста на синдикалната минимална кошница е зголемена за толку пари – рече Трендафилов.
Тој на Фејсбук најави дека работниците ќе ги блокираат улиците „11 Октомври“ и „Даме Груев“ пред зградата на Собранието. Причина за блокадата пред Собранието, како што посочи, е и дека пратениците цела година молчат за предлогот на ССМ за зголемување на минималната плата и за зголемување на сите други плати.
Поради блокадите на улиците пред Собранието, како што претходно соопшти тој, пратениците нема да можат да дојдат со возила на работа и ќе мораат да поминат покрај работниците и да ги погледнат во очи. Дополнително, нема да можат да наплатат трошоци за гориво, што, според ССМ, е најболната точка за народните избраници.
– Пратениците први ќе се соочат со работничкиот гнев, а преку блокадата ќе ги оневозможиме тој ден да наплатат патни трошоци, кои надминуваат и 100 евра за еден ден. Да дојдат пеш или со градски превоз, онака како што работниците одат на работа – вели Трендафилов.
Тој додава дека истите пратеници што уживаат право на собраниско кафе по ниски цени и трошоци за патување до нивното работно место е нешто што им го скратиле на работниците и нешто што не им го утврдуваат како право на храна и превоз на работниците.
„Пратениците се глуви на работничките барања за зголемување на платите, а работниците им дале мандат да уживаат во луксузот со 79 отсто зголемени плати што дополнително ќе се зголемат за 12,6 отсто доколку Уставниот суд ја укине Уредбата на Владата од минатата година и ќе се зголемат за 9,2 отсто колку што пресмета гувернерот на Народната банка дека изнесува порастот на просечната плата за 2025 година или ќе добијат вкупно 21,8 отсто зголемување на нивните плати. Најмалку 250 евра за пратениците, а ни 25 евра за работниците е срамно“, напиша Трендафилов.
Тој ги потсети пратениците дека не само што мораат итно да гласаат за зголемување на минималната плата и за зголемување на сите други плати, туку дека ќе мораат да гласаат и за намалување на функционерските плати по иницијативата на ССМ.
„Доколку и понатаму молчат, преминуваме на собирање 10.000 потписи со кои ќе ги намалиме нивните, а ќе ги зголемиме работничките плати. Ќе мора да бираат, ќе гласаат за себе, а против работниците (нивните гласачи) или ќе гласаат за работниците“, напиша Трендафилов на Фејсбук.
На блокадата ќе присуствува и раководството и членовите на Синдикатот на административци, кои заедно со КСС и со Владата постигнаа договор за зголемување на додатоците на плата за кумулативно за 40 проценти до 2028 година.
Почитуван читателу,
Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не.
Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат.
Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.
ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ
СЛОБОДЕН ПЕЧАТ. Е-БИЛТЕН
НЕ ГУБИ ВРЕМЕ! ЗАЧЛЕНИ СЕ И ДОБИЈ ГИ НАЈВАЖНИТЕВЕСТИ НА НЕДЕЛАТА - БЕСПЛАТНО ВО ТВОЈАТА Е-ПОШТА!
СЛОБОДЕН ПЕЧАТ. Е-БИЛТЕН
НЕ ГУБИ ВРЕМЕ! ЗАЧЛЕНИ СЕ И ДОБИЈ ГИ НАЈВАЖНИТЕВЕСТИ НА НЕДЕЛАТА - БЕСПЛАТНО ВО ТВОЈАТА Е-ПОШТА!
Книгата „Пустинско срце“ од Ана Пејчинова, која излезе во издание на „Или-Или“, е заснована на сеќавања на вистинити настани со кои авторката го раскажува своето искуство од петнаесетгодишниот живот и работа во Авганистан. Добиј ги најважните вести, бесплатно на Viber Препорачано 1 ВИДЕО | Можно е финалето на Светското првенство да не почне во 21:00 …
Сите ние во некој момент сме заглавиле на социјалните мрежи со оние „pick a card“ видеа, прашувајќи се дали универзумот се обидува да ни испрати некој знак. Добиј ги најважните вести, бесплатно на Viber Препорачано 1 ВИДЕО | Можно е финалето на Светското првенство да не почне во 21:00 часот 2 „Понекогаш не знам како …