Пратениците од уста не ја извадија веледрогеријата „Пановски“ на Анкетната комисија

Роберт Бекироски-заменик директор на Малмед / Фото: ,,Слободен печат''- Драган Митрески

Дали МАЛМЕД во 2018 година, ѝ ја одзела дозволата за увоз на биолошка терапија на веледрогерија, за друга веледрогерија да го добие тендерот со двојно повисока цена, праша денеска во собранието пратеникот Тони Јаревски, но одговор од заменик директорот на МАЛМЕД, Роберт Бекироски немаше.

Роберт Бекироски-заменик директор на Малмед / Фото: ,,Слободен печат”- Драган Митрески

Граѓаните да бидат спокојни, бидејќи во земјава ги има истите лекови што ги користат западноевропските држави, увери денеска пред пратениците на Анкетната комисија за скандалот Онкологија, Бекироски. Тој беше изложен на силни критики зашто Агенцијата за лекови каде тој е заменик директор, не ги доставила сите барани документи за Клиниката за онкологија и веледрогериите што ја снабдуваат со биолошка терапија, иако тие биле побарани од анкетната комисија.

Антонио Милошоски / Фото: ,,Слободен печат”- Драган Митрески

Пратеникот Антонио Милошоски го праша Бекироски какви се деловните односи меѓу МАЛМЕД и веледрогеријата „Пановски“ и дали имале некаква контрола и инспекција во просториите на оваа веледрогерија. Бекироски не сакаше да коментира за поединечни веледрогерии и рече дека сите 487 се исти за МАЛМЕД.

-Одговорот покажува дека оваа веледрогерија не треба ни да се спомене, бидејќи е најсилната и ги добива најголемите тендери и има повластена позиција кај сите директори од СДСМ и ДУИ на Клиниката за онкологија. Затоа може директорот да си дозволи лекот „Нексавар“ кој чини 3.500 евра за една кутија, во 2018 година да му биде даден на користење во дневната болница на Онкологија на пациент, без „Пановски“ да добие одобрение од МАЛМЕД. Ова го докажува пресудата на Апелација со која паричната казна која првично ѝ била дадена на оваа веледрогерија, е ублажена во опомена. Затоа сакам да напоменам, дека не случајно во МАЛМЕД се ставаат проверени партиски кадри. Заменик директорот го знаеме од други активности и по акцијата „Рамо до рамо“, партиска акција на СДСМ каде потрошил повеќе време отколку во МАЛМЕД. Затоа никој не смее да ја спомене веледрогеријата „Пановски“ рече Милошески додавајќи дека се случувал морбиден профит.

Заменик и директор на Малмед / Фото: ,,Слободен печат”- Драган Митрески

Заменик директорот Бекироски рече дека се направени 1.500 надзори од 2018 година од страна на МАЛМЕД и кога ќе се најде неправилност се реагира. Имало и барање да се испита контрола на квалитет на Онкологија и лековите биле согласно стандардите. Надлежностите на МАЛМЕД се во регистрација на лекови, увоз, контрола на квалитет и инспекции во аптеките и веледрогериите. Пратениците од МАЛМЕД барале, да им достават информација кои лекови и во колкави количества од биолошката терапија влегле на Онкологија и кои веледрогерии ги доставиле, но оттаму кажаа дека немаат надлежност за Клиниката за онкологија освен ако некој не достави претставка, а самата фирма увозник нема обврска да му кажува на МАЛМЕД кој е крајниот корисник на лековите.

Директор на Малмед / Фото: ,,Слободен печат”- Драган Митрески

Заменик директорот рече дека МАЛМЕД е одговорен регулатор за квалитетот на сите лекови и медицински средства на пазарот.

-Граѓаните може да се спокојни бидејќи на пазарот во државата ги има лековите од сите реномирани фармацевтски производители и сите лекови што се користат во западните држави, рече Бекироски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот