Пратениците денес ќе расправаат за оданочување на сите пратки од „Тему“, „Али експрес“…
Предложената законска измена е со цел да се избрише ослободувањето од данок на додадена вредност за увоз на пратки со мала вредност испорачани од странство за примачи во земјата чија вкупна вредност по пратка не го надминува износот од 22 евра во денарска противвредност
За Измените на Законот за данок на додадена вредност, со кои се укинуваат ослободувањата од ДДВ за мали пратки, денес ќе расправа Комисијата за финансирање и буџет.
Согласно предложената регулатива, нема да има веќе ослободување од ДДВ за пратки со вредност пониска од 22 евра.
Препорачано
„Предложената законска измена е со цел да се избрише ослободувањето од данок на додадена вредност за увоз на пратки со мала вредност испорачани од странство за примачи во земјата чија вкупна вредност по пратка не го надминува износот од 22 евра во денарска противвредност, а се пропишува ослободување од плаќање на данок на додадена вредност за добра пратени како мали пратки од некомерцијална вредност, од физичко лице на физичко лице, чија вредност не надминува 22 евра, ослободувањето не се применува за алкохол и алкохолни пијалаци, парфеми и тоалетна вода и тутун и преработки од тутун“, пишува во законското образложение.
Според сегашната регулатива, стока испратена од странство од правно лице (компанија) во помали пратки со писмо или поштенски пакет која ја прима физичко лице кое живее или има одобрен престој во Македонија е ослободена од плаќање на увозни давачки и ДДВ под услов вкупната вредност на пратката да не надминува 22 евра во денарска противвредност, со вклучени транспортни и манипулативни трошоци.
Новата регулатива ќе ги „закачи“ бројните купувачи од странски платформи, особено од „Тему“ и „Али експрес“, кои се многу атрактивни кај нас.


