Пиво-културата на Прага е прочуена низ светот - Фотографија ЕПА, Мартин Дивишек

Прага ги забрани ноќните пиво-тури за да привлече „покултурни и побогати“ туристи

Прага, прочуена низ светот меѓу љубителите на пиво, одлучи да ги забрани ноќните туристички посети низ пивниците, со цел „да биде попривлечна за покултурни туристи“.

Пабовите во градот со 1,3 милион жители со години се преполни со гласни и жедни туристи, на задоволство на туроператорите и сопствениците на пивници, но и на незадоволство на жителите и на градските власти.

– Забрането е организирање ноќни тури низ пивниците. Повеќе нема да има организирани тури во периодот од 22 до 6 часот – изјави заменик-градоначалникот Здењек Хриб.

Неговиот колега Јиржи Поспишил додаде дека „Прага се стреми кон покултурни и побогати туристи“.

– Не ги сакаме оние што доаѓаат накратко само за да се опијанат – изјави Поспишил.

Токму туристите придонесуваат Чешка да се закити со неофицијалната титула на „најжедна нација за пиво“. Лани во Чешка биле испиени просечно по 128 литри пиво по жител, но во статистиката се вклучени и криглите испразнети од милиони туристи. Во некои пабови пивото сѐ уште е поевтино од водата. Во центарот на Прага кригла локално пиво може да се најде и за помалку од 3 евра.

Валцлав Старек, претседател на Чешката асоцијација на хотели и ресторани, ја поздрави одлуката на прашките власти.

– Пиво-турите се проблем и за жителите и за другите туристи. Не мислам дека мерката ќе се одрази врз продажбата. Вратите на пабовите ќе останат отворени за сите, но не ни требаат организирани ноќни тури – изјави Старек.

Амстердам веќе почна кампања за туристите да не претеруваат со пиењето, Венеција ги ограничи туристичките групи и забрани користење мегафони, а Барселона објави дека од 2028 година ќе забрани изнајмување приватни домови на туристи.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот