Актерот Марлон Вејанс позира на црвениот тепих со своите деца, Шон Хауел и Амаи Закари Вејанс. Амаи денес има ново име - Кај / Фото: Alberto E. Rodriguez / Getty images / Profimedia

Познатиот комичар за својот трансродов син: „Лесно е да се суди кога не сте родител на такво дете“

Американскиот актер и комичар Марлон Вејанс истакна дека заштитата на неговиот трансроден син Кај е негов највисок родителски приоритет, опишувајќи ја својата љубов како безусловна и неоспорна. На почетокот на неделава, Вејанс уште еднаш јавно ја потврди силната поддршка за своето дете, притоа пофалувајќи и други познати родители на трансродни деца.

Во неодамнешна епизода од поткастот „We In Miami“, на прашањето дали ќе стане јавен застапник на родители со трансродни деца, Вејанс одговори дека заштитата на детето е негов „природен татковски инстинкт“. Отфрлајќи ја идејата за формална улога, тој нагласи дека залагањето за неговиот 25-годишен син Кај, кого го има со поранешната партнерка Анџела Закери, е целосно инстинктивно.

„Луѓето можат да судат и да зборуваат што сакаат, но на крајот од денот тоа е моето дете и ќе го сакам без разлика на тоа што кој ќе каже. Треба да им се дозволи да ја имаат својата приватност и да уживаат во животот токму онака како што сакаат. Не можете да ја ‘избиете’ хомосексуалноста од некого. Не можете да хипнотизирате некого да не биде трансроден. Едноставно мора да ги прифатите и да ги сакате“, рече Вејанс.

За време на интервјуто, Вејанс ги пофали поранешната НБА-ѕвезда Двејн Вејд и неговата сопруга, актерката Габриел Јунион, нарекувајќи ги „херои“ и „пример“ за семејствата со трансродни деца. Нивната ќерка Заја Вејд јавно се декларираше како трансродова личност во 2020 година.

„Мислам дека кога ќе поминете низ тој процес… секој може да суди, но додека не сте родител на трансродово дете – едноставно немојте. Не знаете за што зборувате. Не разбирате со што се бориме“, рече Вејанс, додавајќи дека прифаќањето не доаѓа секогаш веднаш.

„Јас ги нарекувам еволуирани, затоа што тоа е она што треба да го направите“.

„Треба да се усогласите со своите деца, бидејќи сакате тие на крајот да бидат среќни. Се обидувате да им помогнете да се чувствуваат добро во сопствената кожа, затоа што сакате да живеат убав и среќен живот. Гордам сум што се тука за своето дете, но уште повеќе сум горд што се пример за црната заедница. Ни требаат повеќе такви херои, повеќе такви примери“, заклучи тој.

Вејанс првпат јавно проговори за транзицијата на Кај во ноември 2023 година, што предизвика бројни онлајн дебати. Гостувајќи во емисијата „Брекфаст клаб“, тој се осврна на сопствената емоционална адаптација како родител, објаснувајќи дека морал да ги напушти претходните претпоставки за да стигне до целосно прифаќање.

„Мојата ќерка Амаи сега е Кај – и кога зборувам за транзиција, не зборувам за неговата, туку за мојата транзиција како родител: од незнаење и негирање до целосна безусловна љубов и прифаќање“, изјави тогаш.

Актерот продолжи да привлекува внимание и во 2024 година, кога по повод Месецот на гордоста објави серија фотографии посветени на Кај. Минатата година јавно му одговори и на раперот Соулџа Бој по новите трансфобични изјави за Кај. Во разговор за американска радиостаница, Вејанс порача дека се чувствува „доволно сигурен“ во својата машкост за да прифати и геј-улога, додавајќи дека на раперот веројатно му требаат пари бидејќи „веќе никому не му е грижа“ за него.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот