Повторно истата грда слика во сезоната на реновирање на домовите: Шутот и отпадот ги затрупаа контејнерите

Секоја пролет кога скопјани започнуваат да ги реновираат своите домови низ градот се повторува истата слика, купишта шут околу контејнерите, диви депонии, на места кои не се наменети за фрлање отпад, преполни со стари маси, столици и друг веќе непотребен мебел. Апелите на надлежните не помагаат затоа што дел од граѓаните не се откажуваат од лошите навики и не се подготвени од домашниот буџет да издвојат дел за организиран транспорт на шутот до депонија, кој е незначителен во споредба со тоа колку чини реновирањето на домот.

Најчесто шутот и стариот мебел не завршуваат до најблиските контејнери само во случај кога работниците кои го извршуваат реновирањето не се понудат самите да го однесат отпадот до депонија. Токму на ова предупредуваат од граѓанската иницијативата „Шанса за Центар“.

Не дозволувајте самите работници бесплатно или за некоја стотка да ве ослободат од градежниот шут или кабастиот отпад кој ќе остане од реновирањето без да знаете каде тој ќе заврши. Отпадот може да заврши во некоја шума, дива депонија во природата, или во некоја река – велат од Иницијативата.

Градското јавно претпријатие „Комунална хигиена“ нуди услуга за подигнување на шутот и кабастиот отпад и негово транспортирање до легална депонија. Граѓаните коишто имаат потреба да се ослободат од шут, од својот стар мебел и неупотребливи електронски и електрични уреди можат на бесплатниот телефонски број 0800 222 33  да ја нарачаат услугата за подигање и транспорт на отпадот со специјални возила на претпријатието.

Но цените се тие кои најчесто ги одвраќаат скопјани од таквата намера. За подигнување на градежен шут со камион на „Комунална хигиена“ и двајца работници се наплаќа 2310 денари, а без работници 1890 денари. За подигнување на кабаст отпад со камион и со двајца работници се наплаќа 2940 денари или 1680 денари ако самите го натоварите на возилата на претпријатието.

Цените им се превисоки особено кога човек сака на пример да фрли еден стар душек или една маса, да речеме. И сам да го товари, треба речиси 2000 денари да плати. Многу е тоа во ова време. Доколку би ги намалиле цените, да се поприфатливи за секој човек, сигурно никој нема да фрла на улица – коментира скопјанка.

Сепак, граѓаните имаат можност и самите да го однесат шутот, стариот мебел или санитарии и бесплатно да го предадат во пунктот на претпријатието кој се наоѓа веднаш зад бензинската пумпа на „Макпетрол“ во Карпош 3 или на пунктот во Вардариште. Но и во тој случај би требало да се најде возило или приколка за транспорт и тоа да се плати.

Според Законот за јавна чистота во контејнерите наменети за комунален отпад е забрането да се фрла шут и кабаст отпад, но досега нема сознание дали некој е казнет за прекршување на законските обврски.

Она што се случува секоја пролет и лето со шутот и со кабастиот отпад исфрлени за време на реновирањето, на есен се повторува, но овој пат, со отпадот од дворовите и градините. И тој наместо организирано да се однесе, најчесто завршува во и до контејнерите и на дивите депонии.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот