Потребата за пишување е клучен мотив за создавање на збирката раскази „Во тивка самотна ноќ“
Книгата „Во тивка самотна ноќ“ од Нина Шуловиќ-Цветковска, која излезе од печат во издание на издавачкиот центар „Три“, беше промовирана на 26 декември 2025 година во кафе-бар „Филхармонија“. Илустрациите на корицата и низ книгата (и сета поддршка) се дело на Ладислав Цветковски.
Препорачано
Ниту содржината на расказите ниту животописот на Нина Шуловиќ-Цветковска можат да се опишат со едноставни зборови. Кариерата ја гради работејќи на проекти поврзани со демократизацијата и доброто владеење, а напоредно расте и нејзината потреба да пишува, токму како што е напишана книгата „Во тивка самотна ноќ“.
Претставувањето на збирката раскази го овозможи Ивана Јовановска, која во улога на промотор ја доближи содржината. Јовановска е позната како авторка на две збирки поезија, книжевничка и културна работничка, а ја препознаваме и по нејзините настапи на меѓународни книжевни настани, меѓу кои е и Саемот на книгата во Лајпциг.
Благодарение на нејзината длабока емотивна писменост и сензибилност, Јовановска низ разговор со авторката Нина Шуловиќ-Цветковска ја доближи збирката не само како книжевно писмо, туку и со целото нејзино емотивно искуство, кое се доживува длабоко и лично и останува во читателот и откако ќе ги склопи кориците.

Онака како што книгата на Нина Шуловиќ-Цветковска е сведоштво за издржливоста и моќта на човекот да се избори со најнеочекуваните и најтешките ситуации и како феникс да полета од пепелта, така и нејзината промоција беше можност за заедничко славење на човековата потреба за создавање.
(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 314, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 3-4.1.2026)


