Потпретседателот на ЕК, Тимерманс признава: Имаше грешки во нарачките за вакцини во Брисел

Фото: EPA-EFE/Olivier Matthys / POOL

Потпретседателот на Европската Комисија (ЕК), Франс Тимерманс призна дека Европската Унија (ЕУ) направила грешки во изготвувањето на стратегија за вакцинација против коронавирус за членките, јави агенцијата ДПА.

– Точно е дека имаше грешки во нарачките на вакцини во Брисел и во земјите-членки, рече Тимерманс во интервју за неделното издание на весникот „Тагесшпигел”.

– Подготвен сум на крајот од пандемијата да има преиспитување и тогаш може да видиме што погрешивме, а што добро направивме, рече тој.

Првото нешто што треба да се направи е да се обезбеди дека „сите Европејци ќе добијат вакцина”, рече Тимерманс.

Европскиот пристап „е во интерес на побогатите земји-членки” како Германија, додаде во интервјуто претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен.

Европската Комисија нарачa најмалку 1,4 милијарди дози од четири вакцини одобрени во Унијата, што треба да биде повеќе од доволно за нејзините 450 милиони жители. Но, таа е критикувана за колебливиот пристап и стратешките грешки при нарачка на вакцините. Некои европски земји сметаат дека системот за дистрибуција на вакцини е неправеден.

Лидерите на пет членки на ЕУ вчера повикаа на разговори на високо ниво за фер дистрибуција на вакцините против ковид-19, предупредувајќи дека сегашниот начин на работа на тој систем до летото може да создаде „големи разлики” меѓу земјите членки.

Лидерите на Австрија, на Бугарија, на Летонија, на Словенија и на Чешка во писмо до функционери на ЕУ истакнаа дека сегашниот систем „може да продолжи да создава и продлабочува големи разлики меѓу земјите членки до ова лето, при што некои од нив ќе можат постигнат колективен имунитет за неколку недели, додека другите држави би можеле да заостанат далеку зад нив”.

Австрискиот канцелар Себастијан Курц нагласи дека вакцините не се делат пропорционално меѓу земјите-членки на ЕУ и оти се склучуваат дополнителни договори за снабдување со вакцини како резултат на нетранспарентни преговори меѓу лидерите на ЕУ.

Курц смета дека Холандија и Данска имаат пристап до значително повеќе дози на вакцини по глава на жител отколку земјите како, на пример, Бугарија или Хрватска.

Европската Комисија синоќа им одговори дека „земјите-членки на ЕУ сами побараа флексибилност и одлучија да отстапат од правилото вакцината да се дистрибуира според бројот на жители”, со што ја симна од себе одговорноста за нееднаквата дистрибуција на вакцините.

– Земјите-членки одлучија да отстапат од предлогот на Комисијата, со воведување на флексибилност што овозможува различна распределба на дозите, земајќи ја предвид епидемиолошката состојба и потребите за вакцини во секоја од нив, се вели во соопштението на ЕК.

– Според овој систем, ако некоја земја одлучи да не го земе својот дел од дозите, тие потоа се дистрибуираат до заинтересираните членки, додаваат од Комисијата.

ЕК во соопштението додава дека останува на земјите-членки да се договорат ако сакаат да се вратат во системот за дистрибуција според бројот на население.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот