Рецепти: 7 посни предлози за ручек, за 7 дена во неделата

Фото: Flickr

Велигденскиот пост е во тек, а ние ви донесуваме мени со највкусните посни јадења, за седум дена во неделата, почитувајќи ги правилата на постот.

Велигденскиот пост започна на 27 февруари и ќе трае до 15 април и е најдолг во православието.

Домаќинките често остануваат без инспирација и рецепти, па затоа ви пренесуваме посно мени за следните седум дена.

1. Крем чорба од домати

Состојки:

– 500 милилитри сос од домати
– 300 милилитри вода
– 2 моркови
– 1 главица кромид
– 2 компири
– сол и црн пипер
– малку магдонос

Подготовка:

Кромидот, морковот и компирот сварете ги во малку вода, а потоа сè измелете со миксер и додајте го сосот домати. Оставете сè да врие 15 минути, посолете и побиберете и додајте сув магдонос. Топлата чорба послужете ја со коцки сув леб.

2. Тавче-гравче

Состојки:

– 500 грама бел грав
– 250 грама кромид
– 2 суви пиперки
– малку масло
– црвена мелена пиперка
– сол и црн пипер
– ловоров лист или сушено нане

Подготовка:

Ставете го гравот во тенџере и налејте вода да го покрие гравот. Оставете да отстои. Исцедете го, и ставете го во тенџере со чиста вода, да се вари на умерена температура. Откако ќе зоврие, истурете ја таа вода, а во тенџерето со гравот сипете друга вода и додадете ја главицата кромид и сувите пиперка. Кога ќе се свари гравот, запржете го гравот така што во тава ќе направите „лута запршка“ со масло, брашно (не мора) и алева пиперка. Пропржете го гравот и оставете да се вари уште неколку минути. Потоа, додадете го ловоровиот лист и сè префрлете во земјен сад. Гравот печете го во претходно загреана рерна на 250 степени, околу 20-тина минути, додека да се формира тенка кора на површината.

3. Пастрмка со ореви

Состојки:

– 1 килограм пастрмка
– 150 грама ореви
– 1 главица кромид
– 1 лажица мелен црвен пипер
– масло
– сол и црн пипер

Подготовка:

Кромидот ситно исечкајте го и пропржете го во тава на загреано масло. Издробете ги оревите во аван или ситно исечкајте ги. Кога кромидот ќе омекне, во тавата додајте ги оревите, па мелената пиперка и измешајте. Кога ќе се испржи кромидот, тргнете ја тавата од шпоретот. Огноотпорниот сад премачкајте го со масло, внатрешноста на пастрмката наполнете ја со филот од тавата и наредете ја рибата во огноотпорниот сад. Преостанатиот фил нанесете го врз пастрмката и попрскајте со масло.

4. Турска посна мусака

Состојки:

– 1 килограм тиквички
– 500 грама модар патлиџан
– 1 кромид
– 2 пиперки
– 2 компири
– 500 милилитри доматно пире
– сол и бибер по вкус
– малку маслиново масло
– мирудија
– китка магдонос

Подготовка:

Излупете ги тиквичките и исечете ги на парчиња. Потоа, динстајте го секое парче неколку минути во маслиново масло. Во друг сад динстајте ги ситно сечканиот кромид, патлиџанот, пиперките и компирите. Додајте ги зачините и тргнете од ринглата. Во сад за печење наредете ред тиквички и одозгора намачкајте го филот со модар патлиџан. Постапката повторете ја додека не се потроши материјалот и завршете ја мусаката со ред тиквички. Одозгора сипете го доматното пире и ставете во загреана рерна. Кога течноста ќе зоврие, јадењето е готов. Вака подготвената мусака се служи посипана со сечкан мирудија и магдонос, а по желба може да се додаде и рендан посен кашкавал.

5. Јадење со печурки буковка и компири

Состојки:

– 300 грама буковка
– 4 компири
– 4 моркови
– 3-4 свежи пиперки,
– свежо мелен домат (или доматно пире)
– сол
– зачини по желба

Подготовка:

Компирите исечкајте ги на кришки, морковите на кругови, свежите пиперки на кругови, печурките буковка на парчиња. Наредете ги во огноотпорен или земјен сад. Посолете, додајте го сувиот зачин и другите зачини по вкус. Свежо мелените домати (или доматно пире) измешајте ги со вода и прелијте врз зеленчукот за да се натопи во сосот. Печете во рерна додека не испари водата.

6. Посни плескавици од компири

Состојки:

– 2 поголеми компири
– 1 китка млад кромид
– малку лук
– 2 лажички ајвар
– малку сол или зачин
– 200 милилитри вода
– 1 лажица брашно
– 50 грама презла
– масло

Подготовка:

Компирите излупете ги и сварете ги, па потоа изгмечете ги. Додадете сечкан млад кромид, малку лук, ајвар, сол или сув зачин.
Смесата добро изедначете ја и направете помали плескавици.
Во сад ставете 200 мл вода и додадете 1 лажица брашно. Поминете ги плескавиците низ приготвената маса, па „извалкајте“ ги во презла и пржете ги на масло додека не поруменат од двете страни. Извадете ги на салфетки за да го впие вишокот маснотии… Уживајте!

7. Туна со тестенини и пченка

Состојки:

– 200 грама (интегрални) тестенини
– 1 конзерва туна на парчиња
– 150 грама слатка пченка
– 2 млади кромитчиња
– 100-150 грама (посен) мајонез
– 1 лажичка сол
– 1/2 лажичка бибер

Подготовка:

Сварете ги тестенините со малку сол ал денте. Слатката пченка варете ја во солена вода 5-8 минути. Младиот кромид исечкајте го на помали парчиња. Во сад ставете ги изладените тестенини и слатката пченка. Благо промешајте. Потоа, додадете ги младиот кромид и туната. Сите состојки лесно измешајте ги за да се соединат. Посолете и побиберет по вкус. На крајот додадете мајонез и убаво соединете. Оставете во фрижидер добро да се излади.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот