„Последното ремек-дело“ на Густав Климт се очекува да биде продадено за 65 милиони фунти

„Dame mit Fächer“ („Дама со ладало“) / Фото: Painters / Alamy / Alamy / Profimedia

Последниот портрет направен од Густав Климт се очекува да достигне цена од околу 65 милиони фунти на аукција во Лондон, која ќе се одржи подоцна овој месец. Ова е највисоката проценка досега дадена за уметничко дело на европска аукција, пишува „Си-ен-ен“.

Прикажувајќи неидентификувана жена, „Dame mit Fächer“ („Дама со ладало“) е една од двете слики пронајдени во студиото на австрискиот уметник по неговата смрт во 1918 година, велат од аукциската куќа „Сотби“.

Најавувајќи ја аукцијата, „Сотби“ го нарече портретот „последното ремек-дело“ на Климт.

„Убавината и сензуалноста на портретот лежат во деталите. Дамките од сина и розова боја, која ја оживуваат кожата на дамата, пердувестите линии на нејзините трепки и набиените усни кои му даваат карактер на нејзиното лице“, рече Томас Бојд Бауман од „Сотби“.

„Dame mit Fächer“ („Дама со ладало“) / Фото: Painters / Alamy / Alamy / Profimedia

Започнато во 1917 година, делото е изведено во карактеристично богатиот експресивен стил на Климт. Како и во поголемиот дел од неговата работа, и во ова дело се чувствува влијанието на источна Азија врз Климт – не само поради ладалото во рацете на жената, туку и поради мотивите со митолошката птица феникс и цветовите со лотос.

„Dame mit Fächer“ („Дама со ладало“) е едно од ретките дела на Климт кое сè уште е во приватна сопственост. Невообичаено, тоа е во форма на квадрат, со големина од приближно еден метар во висина и ширина. За разлика од најпознатите портрети на уметникот, ова дело не било нарачка, што значи дека, најверојатно, било насликано за негово задоволство.

„Dame mit Fächer“ („Дама со ладало“) е една од двете слики пронајдени во студиото на австрискиот уметник по неговата смрт во 1918 година / Фото: Moriz Naehr / brandstaetter images / Profimedia

Сликата претходно била во сопственост на виенскиот индустријалец Ервин Боле, пријател и покровител на Климт. Подоцна била купена од колекционерот на уметнички дела Рудолф Леополд, кој го продал на семејството на сегашниот сопственик во 1994 година, за помалку од 12 милиони долари. Оттогаш сликата не се појави на аукција, иако минатата година беше изложена во виенскиот музеј „Белведере“, каде се изложени неколку дела на Климт, меѓу кои и најпознатата „Der Kuss“ („Бакнежот“).

„Dame mit Fächer“ („Дама со ладало“) ќе биде претставена на летната аукција за современи уметнички дела на аукциската куќа „Сотби“, која ќе се одржи на 27 јуни во Лондон, Велика Британија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот