Фото: Слободен печат / Драган Митрески

Последен тест на „Сејф сити“, МВР тврди дека калибрирањето нема да го блокира сообраќајот

Заменик-министерот за внатрешни работи Астрид Исени последно информираше дека системот дополнително ќе евидентира и ќе санкционира зборување на мобилен телефон и неносење појас, а заедно со записникот од казната, граѓаните во своето електронско сандаче или по СМС-порака ќе добијат и фотографија од моментот кога го направиле прекршокот

Иако од Министерството за внатрешни работи во петокот информираа дека од вчера започнува процес на калибрација, односно „штимање“ на камерите поставени низ главниот град со цел прецизно утврдување и санкционирање на сообраќајните прекршоци, сè уште не е познато конкретно кои булевари редоследно ќе бидат затворени во текот на наредните десетина денови.

МВР апелира за трпеливост и соработка

Од МВР не прецизираа која улица кој ден точно ќе биде затворена, туку само најавија систематско затворање на скопските улици на кои досега се монтирани камерите и соопштија дека процесот на калибрирање ќе трае до 31 јануари, еден ден пред одложениот почеток на пуштањето во употреба на „Сејф сити“, што првично беше најавен за 1 јануари , но како што информираа од МВР, поради дополнителни проверки, официјалниот почеток беше поместен за 1 февруари.

– Министерството за внатрешни работи ги известува граѓаните дека во рамките на проектот „Безбеден град“, во периодот од 20 јануари (вторник) до 31 јануари (сабота) ќе се врши тестирање, калибрација и верификација на поставените уреди (камери) за сообраќаен надзор. Тестирањата ќе се реализираат секој ден во периодот од 8 до 20 часот – информираа во петокот од Министерството.

При процесот на калибрирање, МВР во периодот од 8 наутро до 20 часот одделно секој ден ќе затвора одредени улици и булевари каде што ќе се работи на тестирање на камерите и оттаму ги повикаа граѓаните да ги почитуваат ограничувањата на движење или да користат алтернативни патишта за да отидат до својата дестинација.

– За време на спроведувањето на овие активности, возилата на локациите каде што се врши тестирањето нема да бидат пропуштани додека трае постапката.

Во првата недела од предвидениот период, активностите ќе се спроведуваат исклучиво на локациите со поставени камери на подрачјето на град Скопје.

– Ги повикуваме граѓаните и сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат привремените ограничувања, како и да покажат разбирање, трпение и соработка со цел непречено и безбедно реализирање на планираните активности – апелираат од МВР.

Бирото за метрологија ќе ги проверува камерите

Иако ги повикаа возачите на „послушност“ и почитување на привремените блокади, од Министерството не кажуваат точно кои улици ќе бидат затворени и за кој ден е планирано нивното привремено затворање, со што граѓаните немаат претстава кога ќе им биде потребно да бараат кратенки или да кружат низ градот за да отидат дома, на работа и слично, оставајќи ги во прашалници и неизвесност дали во секој од наредните денови улиците по кои се движат ќе останат отворени за сообраќај.

Испративме прашања до Министерството за внатрешни работи за подетално да ни објаснат околу тоа кои улици ќе се затвораат, од каде ќе започне ова тестирање и по колку време ќе биде затворена одредена сообраќајница, односно колку време е потребно за да се тестира еден сет камери, а оттаму ни одговорија дека првиот ден од калибрирањето на камерите на „Сејф сити“ е предвидено да започне околу 15 часот, но тестирањата ќе ги врши екипа од Бирото за метрологија бидејќи таа институција го издава сертификатот, за санкциите од камерите да можат да стапат на сила.

– Првиот ден од тестирањето ќе започне околу 15 часот наместо од 8 часот, со цел да се избегне огромниот утрински метеж на влезовите во Скопје, а калибрацијата ќе ја прави исклучиво екипа на Бирото за метрологија. Оттаму нè информираа дека почетната локација на тестирањето ќе бидат камерите сместени на влезот во градот од Тетово. Потоа ќе продолжат кон центарот на Скопје, а процесот може да заврши и пред предвидениот рок, бидејќи екипите ќе работат и за викенди – велат од Министерството за „Слободен печат“.

Оттаму соопштија дека тестирањето на еден сет камери ќе трае околу 15 минути, со што, како што велат, нема простор за паника од подолготрајно затворање на булеварите и создавање огромен сообраќаен хаос.

Од Министерството за подетални одговори нè упатија кон Бирото за метрологија, каде што испративме прашања, но до објавување на текстот не добивме одговор околу тоа кои улици ќе бидат затворени.

Еве како изгледаат лажните пораки од „Безбеден град“ – МВР предупредува да не се отвораат

Со казната ќе пристигнува и фотографија

Единствени новости на темата „Сејф сити“ последно даде заменик-министерот за внатрешни работи Астрид Исени, кој последно информираше дека системот дополнително ќе може евидентира и ќе санкционира зборување на телефон и неносење појас, а заедно со записникот од казната, граѓаните во својата електронско сандаче или СМС-порака ќе добијат и фотографија од моментот кога го направиле прекршокот.

– Казната ќе вклучува и фотографија. Ќе се види дали возачот носел сигурносен појас или зборувал на телефон -изјави Исени за ТВ21.

Заменик-министерот додаде дека целта на „Сејф сити“ не е да се казнуваат граѓаните, туку, како што вели, да се подигне свеста и вниманието при возење.

Исени најави дека записниците од казните на „Безбеден град“ освен на македонски, ќе бидат издавани и на албански јазик.

Со калибрирањето ќе се отстранат грешките на камерите

Калибрирањето на сообраќајните камери претставува процес со кој се тестираат и се приспособуваат мерењата на брзина, растојанието и точната положба на возилата во сообраќајот доколку при тестирањето системот покаже грешки и недостатоци.

Калибрацијата претставува важен елемент во процесот на подготовка на камерите на „Сејф сити“ за нивно пуштање во употреба, земајќи предвид дека доколку тие не се правилно „наштимани“, податоците што ги снима камерата би можеле да бидат неточни, а со тоа системот повторно ќе покажува грешки и ќе издава неточни записници.

Во изминативе два месеца од пробниот период на системот видовме многубројни недостатоци и грешки при казнувањето, кои системот ги забележа од неговото пуштање во функција на 1 декември преку кои записник за прекршок добиваа луѓе што дента не го возеле своето возило, а некои возачи возеле во зона каде што дозволената брзина е 50 километри на час, а добиле казна за возење во „Зона 30“.

За „Безбеден град“ Филипче има резерва за висината на казните и за контролата на податоците

Сепак, тие грешни прекршоци од 1 февруари веќе нема да бидат дел од пробната фаза, туку ќе бидат „вистински“ и ќе треба да бидат наплатени од МВР, со што доколку камерите не се калибрирани, дел од граѓаните ќе добиваат прекршоци што не ги направиле и ќе имаат обврска да ги платат или правдата да ја бараат на суд.

Затоа, со прецизно извршено калибрирање, би требало да се намали можноста за технички грешки, со што ќе се гарантира дека секоја казна за сообраќаен прекршок е поткрепена со точни и проверени мерења, а доколку МВР го добие сертификатот од Бирото за метрологија, кој е привремен и треба да се обновува на одреден период, и доколку бидат изгласани предлог измените за Кривичниот законик во врска со „Сејф сити“, системот официјално ќе биде подготвен и од 1 февруари ќе започне да „лови“ и да санкционира сообраќајни прекршоци

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот