Цени во маркети / Фото: Dmitriy Shironosov / Alamy / Profimedia

Поскапувања без кои (не) се можеше, скапотијата ни ја „изеде“ 2025 година

Тивко и без најави, новите ценовници доаѓаат од сите страни, иако повеќето семејства во Македонија едвај врзуваат крај со крај. Годинава ни тргна со поскапа струја, парно греење, како и со зголемени цени на возачките испити и полисите за автоодговорност.

Без здравствена и енергетска криза, но под сенката на воените судири во Украина и оваа година скапотијата ни ја „изеде“ 2025 година. Наместо да се радуваат на претстојните празници, многу граѓани се фаќаат за глава, со страв очекувајќи што ќе им донесе новата 2026 година. Тивко и без најави, новите ценовници доаѓаат од сите страни, иако повеќето семејства во Македонија едвај врзуваат крај со крај. Годинава ни тргна со поскапа струја, парно греење, како и со зголемени цени на возачките испити и на полисите за автоодговорност.

Дванаесетте месеци што изминаа, поминаа и во знакот на драстично зголемени цени на сите мајсторски услуги, кои некаде се движат и до 100 проценти за менување прозорци, монтирање клими, молерисување и разни други реновирања. Поскапеа и фризерите, шивачките и чевларите за да не бидат покусо. А, по завршувањето на новогодишната кошничка, по која властите здушно соопштија дека цените се смириле, храната тргна по угорнина, на која крајот не ѝ се наѕира ни во 2026 година.

Оваа година ни почна и ни заврши со нови цени на струјата, таа прво на 1 јануари 2025 година се зголемува за 2,45 отсто во првиот блок, а за 2,87 отсто во вториот блок. Цената за третиот блок се зголемува за 3,32, а за четвртиот 3,84 отсто. За евтината тарифа РКЕ на почетокот на годинава одлучи цената да се зголеми за 2,50 отсто. Летоска, без многу помпа за околу 10 отсто поскапи водата за пиење во Скопје.

Според пресметките на надлежните, зголемување имало во сите три сегменти и кај водата за пиење, за прочистување отпадни води и за собирање и одведување урбани отпадни води. Сред грејна сезона поскапи и парното греење за 5,03 проценти. Од ноември 2025 година полагањето за возачка дозвола од Б-категорија драстично поскапи – од просечни 24.000 денари на околу 34.000 денари. На тоа се додаде и новиот трошок од 250 денари по час за изнајмување полигон. Пролетоска, пак, граѓаните беа непријатно изненадени од податокот дека осигурувањето за регистрација на возилата се зголеми за 15 отсто.

Но, она што најмногу ги загрижува граѓаните е фактот дека секојдневно растат цените на храната, а шампиони се секако јајцата, чијашто цена е зголемена за дури 100 отсто. Годинава се случија и неколку поскапувања на кафето, на чоколадите и на какаото, но и на млечните и на сувомесните производи. Но од Министерството за економија по завршувањето на новогодишната кошничка, останаа цврсто на ставот дека цените се смирени и нема потреба од краткорочни мерки и замрзнување на маржите, оти тоа било непродуктивно.

– Најавеното зголемување на цената за струјата од 1 јануари 2026 година, на крајот повторно ќе го земе својот данок врз грбот на граѓаните. Секој што троши електрична енергија во бизнисот, сигурно ќе ги зголеми цените на своите стоки и услуги. Покрај тоа, цените ќе бидат поттикнати од скокот на минималната плата во март и фактот дека во Македонија нема ни приближно доволно работна сила, поради што работодавачите мора да плаќаат повеќе за оние што останале тука. Цените на другите прехранбени производи нема да стојат во место, а и занаетчиите не планираат да останат на старите цени – вели економистот Трајче Саздовски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот