Посетил 193 земји, но целиот свој живот го напуштил за една: „Го повикав шефот, дадов отказ од работа и се преселив“
Малкумина виделе толку многу од светот како Ренди Вилијамс.
Препорачано
Смелиот патник од Сан Диего, кој објавува содржини на интернет како „Рамблин Ренди“, ги посетил сите 193 земји-членки на ОН, а ја посетил својата последна дестинација, Туркменистан, во 2023 година, пишува „Дејли мејл“.
Можеби мислите дека по толку многу патувања, Ренди би имал тешкотии да ја избере омилената земја. Сепак, тој откри дека ова не е дилема за него. Во 2019 година, тој веќе посетил 120 земји, а една особено му се издвоила – Бразил.
„Луѓето секогаш ме прашуваат која е мојата омилена земја. А за мене одговорот е толку едноставен, бидејќи тоа е единствената земја што ме натера да спакувам сè, да дадам отказ од работа, да го оставам целиот свој живот зад себе и да се преселам“, рекол Ренди.
„Најдов град на брегот наречен Ресифе. Дури и не излегов од аеродромот, туку од авионот видов прекрасни високи згради во корални, пастелни бои покрај плажата. Ме потсети на Мајами бич. На следното патување го посетив, најдов стан, се вратив дома и го замолив мојот шеф да разговараме. Му кажав дека давам отказ од работа и се селам во Бразил. Тоа беше еден од највозбудливите моменти во мојот живот“, додал Ренди.
Ресифе, сместен на североисточниот атлантски брег на Бразил, го комбинира урбаниот живот со плажи и модерни згради. Сепак, иако се преселил во Бразил, оваа јужноамериканска земја не е единствената што оставила силен впечаток кај Ранди.
Тој откри дека меѓу неговите омилени се Швајцарија, Џибути, Ерменија и Брунеи. На својот блог, тој објаснува дека обично „патува брзо и обемно“, понекогаш поминувајќи помалку од 24 часа во секоја земја.


