Посен вегански рецепт на Стефанија Несторовска: Полнет сладок компир со таан дресинг

Фото: Приватна архива

Ако никогаш не сте слушнале за слатки компири, а уште помалку сте ги пробале, сте пропуштиле многу добра и здрава намирница.

Богат е со јаглехидрати, влакна, витамини од групата Б, витамин Ц и бета-каротин, како и со минерали како што се калиум и фосфор. Содржи и витамин Д и Е, магнезиум и железо. Одлична намирница за дијабетичарите поради нискиот гликемиски индекс, кој обезбедува побавна апсорпција на гликозата.

Илјада причини за да го вклучите во вашето мени. Стефанија Несторовска која стои зад инстаграм-профилот и блогот snestorovska.com, за денеска ни приготви интересен и необичен оброк, во кој главната улога ја има токму слаткиот компир.

Фото: Приватна архива

Состојки:

– 3-4 слатки компири, средна големина
– 1 конзерва (или тегла) наут
– 1 лажичка сол
– 1/2 лажичка црвена пиперка (зачин)
– 1/2 лажичка кимион (зачин)
– 1/4 лажичка црн пипер
– маслиново масло или масло по желба (за готвење)
– Неколку гранчиња магдонос
– Сусам за декорација

За таан дресинг:

– 2 лажици таан
– сок од половина лимон
– 4 лажици маслиново масло
– 1/2 лажичка сол
– 1 лажичка кимион
1/4 лажичка црн бибер
– вода, доколку е потребно

Фото: Приватна архива

Начин на подготовка:

Рерната се загрева на 220 степени и се подготвува тава за печење.

Сите компири темелно се мијат и се отстранува каква било нечистотија. Со оглед на тоа што ќе се сервираат со кората, се внимава да бидат комплетно безбедни за консумирање.

Со крпа се бришат за да се впие колку што е можно повеќе од водата и со виљушка или остар предмет се боцкаат по неколку пати од сите страни

Се поставуваат на тавата за печење и се премачкуваат со малку масло.

Се печат од 40 до 50 минути во зависност од големината на компирите. Готови се оној момент кога се доволно меки и ќе можат лесно да се боцнат со виљушка.

Во меѓувреме, додека компирите се печат, во тавата се додава малку масло и се остава да се загрее.

Се истура водата од теглата или конзервата од наут и се премива наутот со чиста, ладна вода.

Се додава наутот во тавата со масло и се додаваат зачините.

Се остава да се пропржат околу 7-8 минути. Наутот треба да добие златеста боја и да добие крцкава коричка. Се остава тавата со наутот малку да се излади и се додава исечканиот магдонос

Кога компирите ќе се испечат и ќе се изладат доволно за да може да се допрат, се сечат на две еднакви половини, вертикално.

Секоја половина од слаткиот компир се сече во средината и се прави место за да се додаде смесата со наут. Еднакво се распоредува во сите половини.

За дресингот, се додаваат сите состојки во блендер и се блендира сè додека не се соедини смесата. Се додава вода по потреба додека не се добие посакуваната текстура.
Се додава од дресингот врз слаткиот компир и по желба се посипува малку сусам.

Забелешки и совети:

→ Доколку не се консумираат веднаш, подгответе ги сите состојки, меѓутоа чувајте ги одделно. Пред консумирање, само сервирајте ги како што е наведено погоре.
→ Зачините може да ги приспособите по сопствен вкус и она што ви е достапно.
→ Ако ви треба побрз оброк, може да го скокнете пржењето на наутот и да го сервирате директно од тегла, меѓутоа, препорачувам ако сте во можност да го направите овој чекор затоа што навистина прави разлика.
→ Може да се сервира како главен оброк или, пак, како прилог со дополнително парче месо или риба.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот