Поројните дождови предизвикаа поплави и свлечишта, критично во Кочанско и Охридско
Поројните дождови што ја зафатија земјата предизвикаа излевања на реки, поплави и свлечишта во повеќе региони, при што најкритична е состојбата во Кочанско и Охридско, соопшти утрово Центарот за управување со кризи (ЦУК).
Препорачано
Во Општина Кочани е забележан значително зголемен водостој на реките и каналите. Кочанска река локално се излеа кај селото Горни Подлог, каде интервенира КЈП „Водовод“ Кочани со механизација. Зрновска река се излеа пред вливот во Брегалница, а Оризарска река кај селото Грдовци, каде состојбата е оценета како најкритична. Поплавени се неколку подрумски простории, а сообраќајот за моторни возила е забранет на северниот влез во селото. Водостопанство „Брегалница“ интервенира со тешка механизација, додека зголемен водостој е регистриран и кај Злетовска река и Брегалница, без излевање.
– Во Охрид, Кризниот штаб на општината одлучи да ги стави на располагање сите човечки и материјални ресурси. Населбата Далјан е поплавена поради излевање на реката Далја, при што екипи со тешка механизација ја пренасочуваат водата кон езерото, а со пумпи се испумпуваат подруми, дворови и деловни простории. Проблеми се евидентирани и на Коселска река кај селото Ливоишта, каде надојдената вода го подјадува патот кај мостот кон селото Вапила – информира ЦУК.
Во Кичево, иако водостојот на реките се намалува, од Центарот за управување со кризи велат дека состојбата на одредени локации сè уште е критична. Околу 120 лица од улицата „Прилепска“ и натаму се евакуирани и сместени во спортската сала „Христо Узунов“, а увид на оштетените објекти ќе се врши утре.
Во Тетовско се пријавени свлечишта на локалните патишта кон селото Ѓермо и месноста Бањиче, кои се непроодни, како и уривање на потпорен ѕид во Мала Речица. Во општина Желино е пријавено излевање на Вардар кај селото Стримница.
Во останатите региони, вклучително Битолско, Ресенско, Кумановско и североистокот на земјата, состојбата постепено се стабилизира, а надлежните служби продолжуваат со интервенции на терен.


