Поројни дождови и силен ветер во сабота ќе ја зафатат земјава
Meтеорологот Славчо Попоски вели дека од вечерва, и за време на викендот, циклон ќе донесе снег во Алпскиот регион и страшно невреме на Балканот, но овој пат невремето нема да ја одмине нашата држава, односно невремето ќе ја зафати и Македонија.
„Да напоменеме дека повторно постои опасност од појава на торнадо. Ова невреме кај нас ќе пристигне во сабота попладне и во вечерните часови и на повеќе места ќе услови интензивен пороен дожд, силни грмежи, бурен ветер, како и појава на град, кој локално би можел да биде крупен. Поради очекуваното силно невреме, препорачуваме граѓаните да бидат крајно внимателни. Од недела очекуваме и позначителен пад на температурите (за околу 10 степени некаде, а особено во северните предели и за повеќе од 10 степени). Сето ова ќе биде поради продорот на значително посвеж воздух од север, а ќе дува и засилен ветер од северен правец. За време на овој бран на врнежи и на невреме, локално ќе наврне значително количество на воден талог за релативно кратко време (над 25 л/м2). Постои опасност од локални поројни поплави! Во регионот локално ќе наврнат дури и повеќе од 80 л/м2 воден талог“, вели Попоски.