Поплавата во Велес остави пустош: Во Превалец урнати куќи, оштетени улици и затната канализација (ФОТО+ВИДЕО)

Во случај на потреба, Општинската Организација на Црвен крст од Велес треба да помогне на настраданите од поплавите со обезбедување прехранбени и други производи.

Во големото невреме што го зафати Велес вчера вечер најтешко беше погодена населбата Превалец, при што жителите се соочиле со големи води кои ненадејно надошле и од реката Тополка и од поројницата.

Општинскиот штаб за заштита и спасување во Велес денеска на вонредна седница донесе повеќе заклучоци за санирање на последиците  од невремето во кое исчезна едно лице – жител на велешко Белештевица по кого се уште се трага. Во невремето, кое е најголемо по поплавата од 1974 година, нанесена е и голема материјална штета.

Страотна глетка по поплавите во Велешко / 9 август 2020 / Фото: Слободен печат

Според пријавата во СВР – Велес, во велешкото село Белештевица во местото „Лавчани” 51-годишниот Спасе Димовски во обид со својот трактор да помогне на екипа на ЕВН која била со возило, бил однесен од надојдената вода. Општинскиот кризен штаб заклучил по создавање на неопходни услови да се ангажираат потребните материјално технички и човечки ресурси од локално и државно ниво, како и специјалисти за спасување за брзо наоѓање на телото на исчезнатиот сограѓанин.

Урнати куќи и потпорни ѕидови во Превалец / 9 август 2020 / Фото: Слободен печат.

Заклучено е по добиените проценки за настанатите штети, градоначалникот на Општина Велес да додели финансиска помош на погодените од поплавите во висина до 50.000 денари, како и за семејството на несреќно настраданиот во село Белештевица. Воедно Општина Велес да стапи во контакт со ЕВН, со цел ЕВН како општествено одговорна компанија да помогне во пронаоѓањето на исчезнатиот граѓанин кој настрадал во акција за давање помош на екипата на ЕВН, како и со обезбедување помош за семејството на исчезнатото лице.

Евидентни се штетите кои настанаа од невремето во Превалец, поради што за санирање на оштетената фекална канализациона линија во ова место како и за поправка на оштетените коловози и банкини на локалните патишта и на улиците, како и за чистење на наносите од чакал, песок, земја и друго на локалните патишта и на улиците во населените места, Општина Велес ќе ги ангажира економските оператори кои се избрани на тендер за таков вид на градежни зафати.

Урнати куќи и потпорни ѕидови во Превалец / 9 август 2020 / Фото: Слободен печат.

Се задолжува Територијалната противпожарна единица (ТППЕ) од Велес, заедно со Одделението за комунални дејности веднаш да направи проценка и да изврши проверка на сите мостови за отстранување на насукани гранки, трупци и стебла од дрвја, а  ЈКП Дервен да врши редовна проверка на исправноста на водата за пиење со цел да се обезбеди чиста и здрава вода за пиење.

Заклучено е и да се изврши проценка на штетите на Фудбалскиот стадион во Превалец, на теренот и објектот и  да се санираат пред почеток на натпреварите во Трета фудбалска лига. Се задолжува Одделението за комунални дејности, заедно со одговорните од Министерството за животна средина и просторно планирање да изврши увид и проценка на просторот по течението на реката Тополка и да се утврдат критичните точки од кои реката се излева, за да се изгради насип за да се спречат идни можни поплави.

Заклучено е и да се известат ЈП за државни патишта и ЈП “Македонија пат” за оштетувањата на мостот во Превалец кој е на регионалниот пат за благовремено да се направи проценка на штетите и за да се преземат мерки за санација на оштетените делови, како и да се утврди потребата од постоење на мостовската конструкција за инсталации за отпочнување постапка за рушење за да се спречат идни опасности;

Во случај на потреба, Општинската Организација на Црвен крст од Велес треба да помогне на настраданите од поплавите со обезбедување прехранбени и други производи. Доколку расположивите средства не бидат доволни, се задолжува градоначалникот да покрене постапка за обезбедување дополнителни финансиски средства со измени на програмите и со измени и дополнувања на Буџетот на Општина Велес.

Погледнете го видеото:

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот