
Политизација на уште една трагедија
Рано е за оцени, не знаеме искрено до каде се истраги, а што е пи-ар. Сега спинуваат, се плашат од српско сценарио, изјави за „Слободен печат“ професорот Гордан Калајџиев.
Поранешниот министер за економија Крешник Бектеши и поранешниот директор на Државниот пазарен инспекторат Горан Трајковски со лисици на рацете заедно со уште 14 други лица завршија во краткотраен притвор како одговорни за трагедијата што се случи во дискотеката во Кочани „Пулс“, во која загинаа 59 млади луѓе. Иако власта од почетокот најавуваше дека нема да прави медиумски циркуси, овие осомничени и нивното спроведување во полициските станици, особено Бектеши, беше снимано и во живо прикажувано и на телевизиите и на порталите.
Препорачано
Меѓу притворените се и членови на обезбедувањето во дискотеката, кои пред јавноста кажаа дека се чувствуваат како херои бидејќи спасиле стотици повредени.
Последните информации од судот и од Обвинителството се дека осомничените ќе се гонат за „тешки дела против општата сигурност“, а се очекува притворите да бидат продолжени.
– Судот во Кочани го прифати барањето на Oбвинителството за определување мерка краткотраен притвор за 16 осомничени лица во траење од 48 часа. Дел од нив се сомничат за „тешки дела против општа сигурност“ по член 292 од Кривичниот законик, а се испитуваат и дејства на примање и давање поткуп, како и за незаконска набавка на пиротехнички средства – соопшти кочанскиот суд.
Градоначалникот на слобода
За разлика од нив, градоначалникот на Кочани, Љупчо Папазов, кој поднесе оставка, никој не го виде и не го сними како излегува сам, без полициска придружба од кочанското обвинителство, без статус на осомничен во истрагата, иако малото гратче го водел речиси четири години.
– Извршен е распит на градоначалникот, кој даде определени појаснувања и сознанија. Таквиот исказ се споредува со доказниот материјал и надлежностите на општината, по што ќе биде донесена одлука за неговиот натамошен статус во постапката – информираат од Обвинителството.
Пред да биде пуштен градоначалникот од Обвинителството, свештеник од Кочани ја смируваше разгневената толпа народ, кои ја каменуваа куќата на сега веќе поранешниот градоначалник. Тој во име на Господ ги молеше граѓаните да се разотидат и тврдеше дека меѓу толпата народ имало лица што биле политички инструирани.
– Ве молам, во името на Бога, да одиме и да ги погребаме децата, после ако сакате градот запалете го. Ве молам, послушајте ме. Помолете се во црква, не е убаво ова што го почнавте – им рече свештеникот.
Заедно со изјавите на министерот за внатрешни работи Панче Тошковски и на премиерот Христијан Мицкоски, кои кога ќе се спомене градоначалникот повикуваат на смиреност, сето ова со свештеникот, со моментот на пуштање на градоначалникот кој се нема појавено во јавноста, на дел од жителите од Кочани им личи на едно смислено сценарио да се скрие револтот на градот каде што е зацрнето секое второ семејство.
Тошковски во гостување во телевизија при споменувањето на градоначалникот повика на разум.
– Мораме да сме разумни, мораме да работиме според закон, мораме да преземаме дејства што ќе нè доведат до правда. Преку неправда никој не можете да стигнете до правда – рече Тошковски.
Мицкоски, пак, одговорајќи на новинарско прашање дали градоначалникот на Кочани ќе сноси одредена одговорност во врска со пожарот во дискотеката, најави дека истражните органи во текот на денот ќе ги проверат сите документи во Општината. Тој е на ставот дека никој нема да се заштитува и секој што има каква било вина во врска со настанот, ќе одговара.
– Не бега, тука е. Ако вие сега пледирате дека тој е ВМРО-ДПМНЕ, па ние го штитиме, не, се лажете. Никого нема да штитиме. Свети ВМРО да биде, и јас да сум, родена сестра, брат да ми е, ќе одговара ако има каква било вина – одговори Мицкоски на прашањата за градоначалникот.
Дали власта се амнестира од одговорност?
Професорот Гордан Калајџиев на прашање на „Слободен печат“ дали власта се амнестира од одговорност од трагедијата што се случи во Кочани во која загинаа 59 млади, со оглед на тоа што вчера се апсеа функционери од поранешната власт, а градоначалникот на Кочани, Љупчо Папазов, сè уште нема статус на осомничен, рече: „Така личи. Рано е за оцени, не знаеме искрено до каде се истраги, а што е пи-ар. Сега спинуваат, се плашат од српско сценарио“.
Тој во низа коментари на Фејсбук ја коментираше трагедијата и во дел од нив порача дека партиите не можат да се борат со корупцијата.
– Тие се легло на корупција. Само независен обвинител може да ја води таа борба – напиша Калајџиев.
Тој исто така го постави прашањето „Како со еден фалсификат се оди во притвор, а со друг на функција“, алудирајќи на контроверзната диплома и сертификатот по англиски јазик на сегашниот директор на Агенцијата за национална безбедност, Бојан Христовски.
Сепак, според гневот на граѓаните, тие сами ја лоцираат одговорноста во оваа трагедија. Најголем бес истурија врз градоначалникот, пред полициската станица во Кочани и, се разбира, кон неформалниот сопственик на дискотеката Дејан Јованов, кого во Кочани го знаат како Деко, кој воопшто официјално не фигурира како управител на компанијата „ММММ кафе“ која стопанисувала со дискотеката.
Граѓаните покажаа кон виновниците
Беше демолирано кафулето „Класик“ во центарот на Кочани, кое исто така го држел Деко, кој за претходната фирма „Калсик“ отворил стечајна постапка и компанијата ја презела друга фирма со управител што бил менаџер во дискотеката и кој е тешко повреден и пратен на лекување во странство. Граѓаните превртеа и автомобил, кој бил во сопственост на Јованов. Ја искршија вратата на општината, потоа врз куќата на Папазов фрлаа јајца и камења и порачаа дека нема да е доволна само моралната одговорност на Папазов. Одговорност побараа и пред полициската станица каде што им велеа „ве молам, немојте“, но едно момче викаше и прашуваше: „Се перат ли тука пари“.
Инаку, според Законот за угостителска дејност, сопственикот на објектот, откако ќе ги исполни неопходните услови, треба да се пријави во Државниот пазарен инспекторат и во Општината и тоа најмалку 15 дена пред почетокот на работењето на угостителскиот објект.
„Слободен печат“ контактираше со актуелниот директор на Државниот пазарен инспекторат, Горан Стојковски.
– Од тоа што веќе го имаме, а веќе е и јавно, последната контрола е во 2022 година, меѓутоа се истражува и во тој правец. Ве замолувам за разбирање, ќе имате соодветна информација за брзо време, истражните органи работат. Министерството за економија излегува, јас сум истражен орган кој сум задолжен од нив и од обвинител да соработувам со нив – рече Стојковски.
Како што изјави, сите контроли по дискотеките одат во координација во МВР. Во дискотеката за време на пожарот имало и полицајци, од кои едниот загина во пожарот.