Поларниот вртлог се однесува чудно – знак за бурна зима?
Поларниот вртлог, кој започна да се формира уште во септември, оваа година се однесува невообичаено и би можел да биде еден од најважните, но и најнепредвидливи фактори за зимата што следува, пренесе „Мондо“.
Препорачано
За разлика од типичните сезони, започна слабо, што отвора можност за подинамични временски обрасци и, потенцијално, постудена и поснежна зима.
Поларниот вртлог претставува огромна кружна струја на воздух над северната и јужната хемисфера, која се протега од тропосферата – каде што се случуваат временските појави – па сè до стратосферата, сувиот слој што го содржи озонскиот омотач.
Се разликуваат два дела – горниот (стратосферски) и долниот (тропосферски), кои иако функционираат одделно, заедно ја диктираат циркулацијата на воздухот низ северната хемисфера и имаат големо влијание врз временските услови.
Поларниот вртлог, важно е да се нагласи, не е бура или студен бран, туку целосен атмосферски систем кој управува со движењето на студениот воздух.
Во моментов, стратосферскиот дел од вртлогот е во фаза на раст, но неговиот развој го попречува аномалија на висок притисок што се појавува над пацифичкиот дел. Таа аномалија го поместува центарот и го ограничува засилувањето на вртлогот, што резултира со нестабилни временски услови во источниот дел на САД и во делови од Европа.
Слабата циркулација околу поларните региони овозможува полесно движење на студени воздушни маси кон југ. Засега, бидејќи е само почеток на октомври, тие воздушни маси не се доволно силни за значително заладување, но доколку ваквата состојба се повтори во ноември или декември, може да предизвика вистински зимски услови.
Силниот поларен вртлог го задржува студот во рамките на Арктикот и носи поблаги зими во Европа и САД, додека слабиот овозможува полесно навлегување на студен воздух во средните географски широчини – сценарио кое љубителите на зимата со нетрпение го очекуваат.
Мерењата покажуваат дека брзината на ветровите во стратосферата, која ја одредува јачината на вртлогот, ќе биде значително под просекот во наредните 30 дена. Поради западната блокада, вртлогот се пренасочува кон источна Канада и САД, што се рефлектира и во долните слоеви на атмосферата преку нарушена циркулација и високи притисоци над поларните области. Овој образец укажува на потенцијално изразена зима, особено во нејзиниот средишен дел.
Во источното подрачје на САД и источна Канада веќе се бележат пониски температури, а слични продори на студен воздух се очекуваат и во Европа. Метеоролозите забележуваат дека поларниот вртлог би можел да остане слаб и подоцна во есента, што би ја зголемило веројатноста за повторувачки налети на студ.
Долгорочните прогнози дополнително потврдуваат присуство на стратосферски нарушувања, особено во првата половина на ноември. На западната страна на вртлогот се очекува појава на т.н. стратосферско затоплување, познато како „канадско затоплување“, кое го ограничува неговото засилување и го деформира неговиот облик. Овој ефект се пренесува и во тропосферата, каде високите притисоци во близина на половите ја реметат циркулацијата, оставајќи простор за системи со низок притисок да доминираат над средните широчини.
Прогнозите за температурите во истиот период покажуваат дека студената аномалија ќе продолжи над централниот и источниот дел на САД, додека во Канада ќе преовладуваат повисоки температури од просекот. Во Европа, пак, се очекува постепено заладување со почеток на ноември.
Овој невообичаено слаб почеток на поларниот вртлог може да има долгорочно влијание врз целата зима 2025/2026. Сличен развој бил забележан и во октомври 1981 година, кога вртлогот бил на рекордно ниско ниво. Таа зима донела изразени високопритисочни аномалии над поларните региони, што овозможило студени воздушни маси да се спуштат кон југ и предизвика силна зима во Северна Америка и Европа.
Иако не постои гаранција дека истиот образец ќе се повтори, актуелните прогнози покажуваат дека поларниот вртлог и во првиот дел од зимата ќе остане подпросечно силен – сигнал дека студот можеби ќе има повеќе шанси да се спушти кон нашите широчини.


