Погребано двегодишното дете кое почина на Нова година – семејството преку адвокат бара правда и прашува зошто биле приведени
Малиот Нагип кој почина од повреда на главата на новогодишната ноќ, денеска бил погребан, а неговите родители немаат сознанија како се случила смртоносната повреда на неговата глава, пет минути по полноќ додека го гледале новогодишниот огномет.
Препорачано
-На ден 31.12, односно во раните часови на 01.01, околу 00:05 часот, семејството Арслани се наоѓало пред својот дом со цел да го проследи новогодишниот огномет. Домот е лоциран во импровизирана населба во близина на топланата на БЕГ. Во еден момент, мајката забележала дека малолетното дете Нагип е неподвижно и не реагира. При обидите на родителите да го разбудат, било утврдено дека детето не дише. Истовремено, била забележана повреда во пределот на главата, со видливи траги на крварење. Родителите немаат сознанија како и кога настанала таа повреда, ниту пак било забележано претходно било какво опасно дејствие или инцидент. Детето било итно пренесено во здравствена установа, каде што од страна на медицинските лица била констатирана смрт. Со оглед на нејасните околности и постоењето на повреда на главата, телото било предадено на Институтот за судска медицина за вршење обдукција – вели адвокатот на семејството Срџан Амет за „Слободен печат“.
На родителите единствено им била дадеа потврда дека смртта на детето била резултат на насилна смрт, без дополнителни детали, наоди или образложение за причината и начинот на настанување на повредата. Семејството на детето преку адвокатот бара итна, темелна и транспарентна истрага, со вклучување на сите релевантни институции.
– Во исто време, остануваат отворени сериозни прашањата, зошто членовите на потесното и поширокото семејство биле приведени и лишени од слобода, врз основа на кои индиции или докази се преземени такви мерки, и зошто изготвувањето на детален обдукциски извештај се најавува во рок од три недели, иако станува збор за случај со малолетно лице и висока чувствителност. Во интерес на вистината, правдата и заштитата на достоинството на починатото дете и неговото семејство, бараме итна, темелна и транспарентна истрага, со вклучување на сите релевантни институции, како и навремено и целосно информирање на семејството и јавноста. Очекуваме надлежните органи да постапат професионално, законито и без одолговлекување, со цел целосно расветлување на овој трагичен настан и утврдување на одговорност, доколку таква постои – вели адвокатот на семејството.
Вчера таткото на детето во изјава за „Рома прес“ обвини за полициска бруталност и дека бил приведен испитуван дали тој му направил нешто на своето дете. Официјалната верзија од МВР е дека детето било донесено на Клиниката за неврохирургија со непознат метален фрагмент кој завршил во неговата глава.


