Поглед кон танц-претставата УПМ во МКЦ

Минатата недела во Денсинг-салата на МКЦ премиерно се одигра новата претстава УПМ (Уметност – Политика – Мудрост) на танцовото здружение „Икс на квадрат“. Кореографијата и режијата се на Бобан Русески и Јована Зајкова. Атмосферата беше исполнета со силна енергија, а младите уметници ја претставија кафеаната реално, со сите убави и помалку убави моменти.

– Се фокусиравме на традиционалната македонска музика и на кафеаната како нешто карактеристично за нашиот народ, претставена преку традиционалната игра, но и моделирана низ палетата на современиот танц – истакна Зајкова, додавајќи дека целта не е да се исмее ни кафеаната ни луѓето што одат во кафеана: „Едноставно е претставена сирово, онака каква што ние ја гледаме, со сите убавини и неубавини, смешни, тажни, радосни моменти. Музиката даде една сосема нова димензија, потенцирајќи го фактот дека традиционалната музика не припаѓа само во кафеаната, како заднинска музика, туку и на сцената каде што навистина ќе успее да дојде до израз“.

Зајкова дипломира при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, на катедрата за современ танц. Настапува на реномирани фестивали во Македонија и во странство. Вели дека во сите претстави каде што е танчар, но и кореограф, идејата ја добива од тоа што го гледа околу себе.

– Мислам дека тоа ни е една многу важна заедничка точка со Боби, бидејќи иако имаме различен принцип на работа, а понекогаш и различни идеи, појдовната точка е иста, па на крајот успеваме да најдеме заедничко решение – вели Зајкова.

Претставата УПМ прави спој на современиот танц и традиционалната музика

Русески појасни дека претставата е надградба на „Самовили и демони“, што премиерно била изведена минатата година во Загреб.

– Размислувавме како да се допре со традиција до младината и истовремено да се задржи тежината на спојот на современиот танц и традиционалната музика. На сите ни е познато како изгледа одењето во кафеана и јас би го опишал многу едноставно: започнува со темата уметност, по втората – третата чашка почнуваме да ја бистриме политиката, а по четвртата – петтата чаша настапува мудроста – објаснува Русески, и додава: „Соработката беше едноставна, јас и Јована веќе осум години сме колеги, соработници, другари и некогаш истомисленици, како што е доказ и ова кореографско делo. Во 2021 решивме да го формираме ’Икс на квадрат‘ и оттаму произлегоа неколку заеднички и индивидуални кореографски претстави“.

Музиката е на Дејан Теодосиевски, а ја изведе квартетот „Вива стрингс“ (Елена Талевска – прва виолина, Димитар Михајловски – втора виолина, Дубравка Зајкова – виола, Дејан Теодосиевски – виолончело). Вокалот и перкусиите се на Зарина Првасевда. Русески и Зајкова претставата ја изведоа заедно со Сара Цветковска, Клара Христовска, Микаела Анџела Глигорова, Викторија Коцева, Илина Костовска, Моника Шолевска, Наум Ѓоргиески и Марко Младеновиќ. Костимите ги изработи Соња Геговска-Зајкова, а видеото е на Доан Акити.

– За оваа претстава ни беше предизвик да работиме со голема екипа од 15 изведувачи во која не сите се дел од танцовиот свет – истакна Русески.

– Сите учесници се од различни страни, на различна возраст, дел се танчари, дел актери, дел музичари, но ентузијазмот, креативноста и љубовта кон уметноста нѐ спои сосема лесно и го направи процесот на работа една прекрасна авантура, што се надевам дека нема тука да запре – заклучи Зајкова.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 134, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 25-26 јуни 2022)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот