Почнува судењето за несреќата во која загина Матеј Димовски, обвинет е пратеникот од Левица Сашко Јанчев
Во Основниот кривичен суд денеска почнува судењето за сообраќајната несреќа во која лани на 14 септември по полноќ, животот го загуби 16-годишниот Матеј Димовски. Несреќата се случи во селото Марино. По несреќата, Матеј се бореше за својот живот 26 дена, по што им подлегна на повредите.
Препорачано
Обвинителството поднесе обвинение против пратеникот на Левица Сашко Јанчев за кривичното дело „тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот“ согласно член 300 став 4 во врска со член 297 став 3 во врска со став 1 од Кривичниот законик. Тој се товари дека управувал автомобил „хјундаи тусон“, но не се придржувал на прописите и со тоа го загрозил јавниот сообраќај и го довел во опасност животот и телото на луѓето. Тој, велат од ЈО, непрописно свртел со возилото без да се увери дека тоа може да го направи без да ги загрози другите учесници во сообраќајот. Во тој момент во возилото удрил мотор „јијинг“ без регистарски ознаки и без вградени светлосни уреди, со кој управувал 16-годишниот Матеј Димовски.
Матеј Димовски не поседувал возачка дозвола, а тој и неговата сопатничка не носеле заштитни кациги. Како резултат на повредите здобиени при несреќата, 16-годишникот починал, додека неговата 13-годишна сопатничка била потешко повредена.
Од партијата Левица по несреќата веднаш објавија дека пратеникот Јанчев не бил во алкохолизирана состојба бидејќи не пие алкохол, дека самиот пратеник и неговиот сопатник засебно имале повреди на грбот и потрес на мозокот.
Обвинение против пратеникот Јанчев за сообраќајната несреќа – непрописно свртел со возилото


