Почнува националната турнеја на третиот перформанс од проектот „Танц. Трансформатор“ на „Битрикс“

Работилница за подготовка на перформансот / Фотографија: Ања Калин

Со гостување во Младинскиот културен центар – Скопје, на 5 септември, во 20 часот, почнува националната турнеја на „Et Caetera Desunt“ , третиот перформанс од низата во рамките на проектот „Танц. Трансформатор – Реобмислување на локалната танцова заедница“ на Културно-уметничкиот центар „Битрикс“.

По гостувањето во Скопје, предвидени се изведби на перформансот и во Центарот за култура во Битола на 6 септември и во НУ Центар за култура „Трајко Прокопиев“ во Куманово на 7 септември.

Перформансот е резултат на едномесечната танцова резиденција на кореографката Карин Понтис од Брисел, Белгија, која беше селектирана како третиот кореограф во програмата на „Танц. Трансформатор“ преку отворен повик на кој пристигнаа над 60 апликации. Таа, заедно со седумте танчари: Теодора Ежовска, Бисера Димчева, Надја Лукановска, Елена Стојкоска, Тереза Лазарев, Ивана Балабанова и Ева Џингова, во изминатите три недели работеа на оваа креација, која сега ќе се прикаже во три градови во С Македонија.

– „Et Caetera Desunt“, или во превод од латински јазик „сето она кое е заборавено, оставено…“, ги истражува внатрешната сила, креативните дарови и мудроста кои секоја жена ги поседува, но, и припитомувањето на нејзината дива и силна природа од општеството, со цел таа соодветно да ги исполнува различните улоги, од кои дел се наметнати. Перформансот, го повикува тој закопан, жив дел од неа, полн со виталност и љубезност, преку среќавањето на повеќе жени и нивното споделување и взаемна поддршка – истакнуваат од „Битрикс“.

Преку извлекување на квалитетите на секој изведувач и обликување на нивната креација, Понтис создава патување низ просторот и времето исполнето со многу движење и силен израз. Како искусен кореограф, со над 47 создадени дела, ја испреплетува својата визија со мешовита група на танчари со различни позадини и квалитети.

Проектот „Танц. Трансформатор – Реобмислување на локалната танцова заедница“ е едногодишен проект на центарот „Битрикс“, кој има за цел да обезбеди континуитет на работата на локалната танцова заедница, креирајќи контекст за работа и соработка, како помеѓу локалните конституенти на сцената, така и со интернационални партнери. Истиот предвидува реализација на три циклуси проектни активности.

Амбасадата на Швајцарија и Агенцијата за развој и соработка на Швајцарија, препознавајќи ја потребата за поддршка и развој на современата танцова сцена, го поддржа овој проект и ја помага неговата реализација во престојниот период.

Уметнички директор на проектот е Ивана Балабанова, проектен координатор Ангела Стојановска, финансиски менаџер е Павел Маслов, а креативниот тим го сочинуваат: Ана Стојановска (графички дизајнер), Томислав Балабанов (веб-девелопер), Мартин Михајлов (видео), Ања Калин (фотографија), Антонија Јорданоска Гугинска и Маја Ѓуреска (костимографија), Мартин Манев (сценографија) и Игор Митревски (дизајнер на светло).

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот