Почина тикток-ѕвездата Ширли Рејнс: Животот го посвети на помош на бездомниците
Тикток-ѕвездата и хуманитарка Ширли Рејнс почина на 58-годишна возраст, соопшти нејзината организација „Бјути ту д стритз“. Таа беше широко позната под името Мисиз Ширли и на Тикток ја следеа повеќе од пет милиони луѓе, пишува „Асошиејтед прес“.
Препорачано
View this post on Instagram
Ширли Рејнс ќе остане запаметена по својата посветеност и несебична грижа за бездомниците. Секојдневно им носеше храна, средства за лична хигиена и поддршка на луѓето кои живеат во населбата Скид Роу во Лос Анџелес, како и во други заедници на бездомници низ Калифорнија и Невада.
Од организацијата „Бјути ту д стритз“ на социјалните мрежи објавија дека таа оставила „неизбришлив и немерлив траг“.
„Со својата неуморна борба, длабока емпатија и непоколеблива посветеност, таа ја искористи моќта на медиумската платформа за да им даде глас на оние на кои најмногу им е потребен, носејќи им достоинство, ресурси и надеж на најзапоставените“, стои во соопштението.
Причината за смртта на Ширли Рејнс сè уште не е објавена, но од организацијата најавија дека дополнителни информации ќе бидат споделени наскоро.
Рејнс беше мајка на шест деца. Еден од нејзините синови починал додека бил дете. Во 2021 година, кога беше прогласена за хероина на годината од „Со-ен-ен“, таа зборуваше отворено за својата болка.
„Важно е да се знае дека и скршените луѓе можат да бидат корисни“, изјави таа тогаш.
Токму таа длабока тага ја поттикнала да им помогне на бездомниците.
„Повеќе од сè на светот би сакала да можам да го вратам, но јас сум мајка без син, а на улиците има многу луѓе без мајка“, рече Ширли Рејнс.


