Почина Мартин Треневски, новинар и поранешен министер и дипломат

Почина поранешниот министер, амбасадор и новинар Мартин Треневски, соопшти неговото семејство. Треневски беше роден во 1949 во Скопје и во текот на својата професионална кариера остави белег во новинарството, државните институции, дипломатијата и врските со македонското иселеништво.

Треневски дипломирал на Филолошкиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, на групата англиски јазик и литература. Постдипломски студии по масовни комуникации и информирање посетувал на Институтот за социолошки и правно-политички истражувања и стекнал звање магистер по политички науки.

Новинарската кариера ја почнал во Скопје со текстови во повеќе дневни, неделни и месечни информативни гласила. Професионалниот врв во новинарството го достигнал во тогашната агенција Танјуг, каде во 1986 година бил именуван за дописник од Австралија и Јужниот Пацифик. Во тој период активно ја следел и афирмирал македонската заедница во Австралија. Како публицист и истражувач Треневски е автор на голем број дела.

Со осамостојувањето на Македонија, Мартин Треневски беше именуван за министер за информации во првата влада на Република Македонија. Подоцна, како министер во Министерството за иселеништво, работеше на унапредување на врските меѓу државата и македонското иселеништво во светот. Беше амбасадор на Република Македонија во Шведска, Норвешка, Финска, Естонија, генерален конзул во Торонто, Канада, и македонски амбасадор во НАТО.

Треневски беше активен и во политичкиот живот како член и активист на ВМРО-ДПМНЕ од почетоците на партијата.

За својата работа како новинар, публицист и дипломат е добитник на повеќе домашни и меѓународни награди и признанија, меѓу кои и највисоката новинарска награда во Македонија – „Мито Хаџивасилев-Јасмин“ во 1983 година.

Погребот ќе биде утре (27 мај 2026) во 13:00 часот на Градските гробишта Бутел.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот