Почина Карина Дупрез, ѕвездата на сериите „Злобница“ и „Дивата роза“ — „Мамо, тешко е да се збогувам со тебе“
Славната актерка и режисерка на мексикански теленовели, Карина Дупрез, почина на 80-годишна возраст во Мексико Сити. Веста за нејзината смрт ја потврдија локалните медиуми, а со емотивна порака на Инстаграм се огласи и нејзината ќерка Магда Карина Антсира Дупрез.
Препорачано
„Мамо… Колку е тешко да се збогувам и да знам дека веќе не си присутна. Знам дека си со нас со твојата душа и дека небото денес добива светлина која го осветлува нашиот пат. Летај високо, големите те чекаат за повторно да бидат водени од тебе… Пак ќе се сретнеме. Ви благодарам на сите за толку многу љубов и што сте тука, ве сакам многу, а мајка ми уште повеќе“, напиша таа.

Карина Дупрез беше едно од најпрепознатливите имиња на мексиканската телевизија, особено по нејзините улоги во култните теленовели кои беа огромни хитови и кај нас, како што се „Дивата роза“ (Rosa salvaje) и „Злобница“ (La usurpadora).

Во текот на својата долгогодишна кариера, таа остави значаен траг не само како актерка, туку и како една од најуспешните режисерки во продукцијата „Телевиса“. Нејзината смрт предизвика бран реакции кај колегите и обожавателите ширум светот, кои се простуваат од една од последните диви на „златната ера“ на теленовелите.


