Фото: Слободан Ѓуриќ / Слободен печат

По трагедијата во Тафталиџе, МВР се фали со 26 кривични пријави за семејно и родово базирано насилство – не биле сите од неделава

21 кривичнa пријавa поднело МВР во последните две недели за кривични дела поврзани со семејно насилство, како и пет кривични пријави за родово базирано насилство, се пофали денеска самото Министерството за внатрешни работи, додавајќи дека за насилниците се определени пет мерки притвор.

МВР интензивно почна да јавува за случаи на семејно насилство изминатава недела, откако се случи трагедијата во скопската населба Тафталиџе, каде мајка се фрли од шестиот кат на зграда заедно со шестгодишната ќерка, откако со години трпела непрекинато насилство од сопругот и татко на девојчето. Случајот откри млако и нерешително однесување од институциите во случајот, пред сè на полицијата и на социјалните служби, кои не успеаја да го спречат насилникот Стојанче Јовановски и да ја заштитат неговата сопруга Ивана, која ја тепал и ја малтретирал до последните моменти од нејзиниот живот.

Откако јавноста жестоко реагираше на страшната трагедија, министерот Панче Тошковски најави дека ќе се гради „систем кој ги штити жените 24/7“, а насилникот Стојанче Јовановски, исто така отпосле, беше уапсен и пратен во притвор.

МВР денеска соопшти податоци за последните две недели, без да наведе зошто е одбран токму овој период. Во соопштението се вели дека за 14 дена, во државата се пријавени 39 настани во врска со кривични дела со семејно насилство и 63 поплаки во врска со семејно насилство, а од полицијата не ја наведуваат разликата помеѓу „настани“ и „поплаки“.

„Покрај ова на подрачје на СВР Скопје поднесени се пет кривични пријави за родово базирано насилство, од кои три се за „загрозување на сигурноста и две кривични пријави за кривично дело „демнење“. Притоа, изречени се пет мерки притвор, како и една мерка „претпазливост“ на подрачје на СВР Скопје“, велат од полицијата додавајќи дека сега биле изречени повеќе мерки притвор во споредба со лани.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот