По половина век јапонската полиција верува дека го нашла човекот зад бомбашките напади во Токио

Јапонија потерници / Фото: Richard A. Brooks / AFP / Profimedia

Со децении, фотографија од насмеаниот Сатоши Киришима беше прикажана на постерите надвор од полициските станици низ Јапонија. По 49 години во бегство, властите мислат дека го фатиле овој човек, пишува Би-би-си.

Пациент во болница во близина на Токио тврдел дека е Киришима, член на милитантна група зад неколку смртоносни бомбашки напади во 1970-тите. Полицијата ги чека резултатите од ДНК-тестовите на маж кој бил примен под друго име поради рак во терминална фаза. Но, во понеделникот, јапонските медиуми јавуваат дека пациентот починал.

Киришима му припаѓал на Источноазискиот антијапонски вооружен фронт – радикална левичарска организација за која се верувало дека стои зад неколку бомбашки напади на бизниси во јапонскиот главен град помеѓу 1972 и 1975 година. Осум лица биле убиени во еден напад што групата го извршила врз седиштето на Мицубиши Хеви Индустрис во 1974 година.

Јапонската Национална полициска агенција на својата веб-страница објави дека Киришима ги прекршил „прописите за контрола на криминалните експлозиви“ и се бара за „сериски бомбашки напади врз бизниси“. Киришима наводно помогнал да се постави и активира рачно изработена бомба која уништила дел од зграда во токискиот кварт Гинза во еден напад на 18 април 1975 година, според локалните медиуми.

По 49 години, Киришима, кој сега би имал 70 години, се верува дека е пронајден, иако по веста за смртта на пациентот не се знае каков ќе е следниот потег на полицијата. Тој првично користел друго име кога се пријавил во болницата во градот Камакура во Канагава, јужно од Токио.

Пациентот во четвртокот им кажал на службениците на болницата дека тој всушност е Киришима, велејќи дека сакал да го користи своето „вистинско име“ во последните моменти бидејќи имал само неколку месеци живот, објавија локалните медиуми.

Од она што е јасно, полицијата сега прави ДНК тестови за да го потврди неговиот идентитет. „Ова е како гром од ведро небо“, велат тие.

Човекот изминатата година неколку пати ја посетил болницата и бил хоспитализиран во јануари. Човекот живеел под името Хироши Учида и бил вработен во градежна фирма во Фуџисава, префектурата Канагава, со децении, според други истражни извори.

Тој немал жиро сметка и платата ја примал во готово, очигледно за да избегне да го даде своето вистинско име при отворање сметка. Не поседувал ниту книшка за здравствено осигурување, ниту возачка дозвола, а на сопствен трошок се лекувал во болница.

Полицијата истражува како тој се населил во префектурата Канагава и дали некој му помогнал да преживее додека бил во бегство. Полицијата објави фотографии од човекот на јавни локации како што се железничките станици во текот на годините во напорите да го лоцираат.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот