По низа реакции се огласи МПЦ: Се потврдува поентата дека „институциите се заложници на родовите идеолози“

Соборен храм Свети Климент Охридски / Фото: Слободен печат.
Соборен храм Свети Климент Охридски / Фото: Слободен печат.

По вчерашните реакции на Платформата за родова еднаквост и Министерството за труд и социјална политика за одржаната трибина во Струмица на тема „Зошто Не за сексуалното образование во училиштата“, Македонската православна црква испрати писмо до министерката Јованка Тренчевска во кое Викарен Епископ Јаков Стобиски наведува дека се потврдува неговата поента од трибината, а тоа е дека „институциите станаа заложници на родовите идеолози“.

Патот на тие идеолози беше истрасиран од Вашата претходничка, Мила Царовска, која успеа да издејствува да навлезат во сите пори на државата, и како резултат сега имаме креирање на законски решенија исклучиво од страна на активисти, без да се слушне волјата на мнозинството од народот. Следствено, се чини дека Министерството потфрлува во приоритетот за унапредување на правата на сите граѓани, се вели во писмото.

Од МПЦ прашуваат доколку Министерството организирало дебати за законското решение и било транспарентно на истите, зошто тогаш на тие дебати немало спротиставени страни, од кои едните не се согласуваат со донесувањето на Законот за родова еднаквост.

Или тие „дебати“ во суштина беа еднострани монолози? Се обидовте ли воопшто да поканите лица и организации кои застапуваат една поразлична перспектива, со цел Вие како сериозен и одговорен раководител на Министерството да донесете правилна одлука, откако ќе го ислушате и двете страни?, додаваат од МПЦ.

Според нив, реакцијата на граѓаните за трибината говори дека МТСП не направиле простор за вистина и оти нема подобрување, само назадување и регресија на законското решение.

Во писмото ја споменуваат и поранешната министерка Мила Царовска, за која велат дека успеала да ги „пушти“ родовите идеолози да навлезат во сите пори на државата, со што резултирало со креирање на законски решенија исклучиво од страна на активисти, без да биде слушната волјата на мнозинството.

Доколку не успеавте да посветите должно внимание на трибината и овој текст го напишавте само нагаѓајќи што сме зборувале на истата, Ви стојам на располагање да Ви ги испратам сите релевантни линкови на Ваше разгледување. Но, она што е уште поубедливо дека не сум погрешил во интерпретацијата е самата Ваша објава, од која половина е објаснување дека полот и родот се две различни нешта, дека човек со машки пол може да биде и жена и дека сите „стереотипи“ кои тоа го негираат, треба да се искоренат. Меѓутоа, со оглед на тоа што родовата идеологија во самата суштина се темели на нестабилни и контрадикторни аргументи, така и авторот на објавата не успеа да согледа дека прави една фатална грешка, со што ја побива сопствената теза. Имено, авторот објаснува дека „биолошките и физиолошки карактеристики ги дефинираат мажите и жените“, со што јасно укажува што е маж, а што жена и дека ако некој не ги поседува соодветните полови карактеристики, без разлика на тоа како се чувствува, не може да биде маж, т.е. жена, вели Викарен Епископ Јаков Стобиски.

Додава дека сексуалното образование во училиштата е предмет на дискусија во која треба активно да учествуваат родителите и за истото да се воведе мора да издејствувате широк општествен консензус.

Во спротивно, секое наметнување е директен атак на слободата и уставно гарантираното право на родителите да одлучуваат како да ги воспитуваат и образоваат своите деца. Од прирачниците, кои се јавно достапни, досега можевме да видиме дека им се сугерира на децата дека можат да започнат со сексуални односи на која било возраст и можат да експериментираат со сексуални партнери, па затоа има потреба да се тестираат од сексуално преносливи болести. Оваа воопшто не спаѓа во категоријата „одговорно однесување“, кое вие тврдите дека ќе биде плод на сеопфатното сексуално образование, се вели во писмото.

Според него ставовите околу родовите идентитети дека „маж може да раѓа жена, а жена може да има пенис“, се штетни и разочарувачки за психофизичкото здравје на децата.

За крај, обидите да ми се забрани да изнесам свои ставови, поткрепени со докази и манипулативно да се оцрнува мојот лик од страна на активистите коишто Ви го срочиле текстот, претставува дискриминација на верска основа и цензура на слободниот говор, кој мене, а и на сите граѓани на Македонија, ни е гарантиран со Уставот. Се надевам ќе се сложиме дека една сериозна владина институција не смее да си дозволи такво нешто во земја каде што владее демократијата, заклучува Викарен Епископ Јаков Стобиски во своето писмо до министерката Тренчевска.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот